Витаминот Ц е еден од најважните витамини кој е неопходен во заштитата од многу болести, но има и свои токсични дејства, ако претерано се внесува во организмот.

Покрај зајакнувањето на имунитетот, овој витамин ја подобрува апсорпцијата на железо и калциум, помага при алергии, го олеснува намалувањето на килограми и е важен за добар вид.

Луѓето чија исхрана е богата со витамин Ц се три пати повеќе заштитени од настанување на артритис во однос на луѓето кои не консумираат доволно од овој витамин.

Од друга страна, земањето на овој витамин во големи дози доведува до разни здравствени проблеми. Токсичноста на витамин Ц е ретка, но сепак е можна, иако се раствора во вода и лесно се исфрла од организмот.

Дневна доза до 500 мг претставуваат занемарлив ризик по здравјето, меѓутоа, дозите над 2 грама на ден може да доведат до гастроинтестинални нарушувања.

Најчестите симптоми кои се јавуваат со прекумерна употреба на витамин Ц се поврзани со мокрење, кога доаѓа до појава на пецкање. Чести симптоми се и дијареа, гасови, гадење, болки во стомакот, несоница, главоболка и осип.

Внесувањето аскорбинска киселина (витамин Ц) во големи дози во комбинација со аспирин во повеќето случаи предизвикува ерозивен гастритис. Кога се зема во големи дози, аскорбинска киселина се акумулира во организмот и се таложи како оксалатни камења во бубрезите, што кај луѓе кои се склони кон проблеми со бубрезите може да ја влоши состојбата.

Посебно внимание би требало да се посвети на витаминот Ц, кој се користи како додаток во исхраната, бидејќи внесувањето на овој витамин преку храната тешко може да се претера.

Најчесто се случува овие големи дози всушност да не се навистина од голема корист, но исто така можат да бидат штетни за вашето здравје.