Со воен надзор и показни вежби за евакуација од несакани ситуации би требало да биде обезбедена поранешната фабрика ОХИС. Професор Јане Богданов од Инситутот за хемија препорачува целосно да се деконтаминира хемискиот отпад. Во недостиг на доволно информации за состојбата во која се наоѓаат хемикалиите, постои ризик. Сепак, професорот смирува и вели дека е добро што некој се нафатил да се справи со овој отпад, но препорачува поголема стручност.

Цистерната со винил хлорид за кој јавноста дозна вчера е темпирана бомба бидејќи се работи за опасно запалив гас со ниска точка на палење. Доколку не содржи инхибитор или стабилизатор, при несоодветни услови може да експлодира.

За инцидентот со отровниот метил акрилат мономер, среќа во несреќа според Богданов е што хемикалијата при испарување се чувствува па затоа и граѓаните пријавиле.

Додека Професорот Богданов смета дека како стручни лица се целосно занемарени од надлежните, стечајниот управник на ОХИС тврди дека експерти постојано вршат надзор. Хемикалиите и пред да се доделат на фирма, биле уредно третирани и со 24 часовен надзор и обезбедување. Согласно законите, за безбедноста се задолжени чуварите на капиите.

Саздовски тврди дека и вработени кои работат на одржување во кругот на ОХИС се соодветно заштитени. Договорот на фирмата Еко центар 97 која работи на складирање и извоз на опасниот хемиски отпад, завршува на 27 овој месец. Стечајните органи размислуваат да го продолжат договорот до март следната година, за фирмата да се справи и со Винил Хлоридот.