Велат здравиот човек има милион желби. Болниот само една – да оздрави. Кога човек се бори за својот или животот на неговиот близок, прави се` дури и она што не би го замислил. Вака ќе ви речат оние кои се приморани да си бараат лек, ризикувајќи ја и слободата.

„Самата држава ги прави пациентите криминалци. Значи и да не се, самата држава ги прави криминалци.“

Филип Достовски е еден од ретките корисници на канабисот, кој за тоа отворено зборува во јавноста, иако тоа му прави проблеми со полицијата. Масло користи од кога му бил дијагностициран рак на лимфни жлезди. Како него има уште многу други, но голем дел од нив, лекoт и натаму го набавуваат на црно.

„Кај нас во моментов во аптеките нема ништо затоа што скоро сите препарати кои се на база на канабис не се со доволна концентрација и се колку да им ги замачкаат очите на пациентите. Кај нас, реално законот се донесе зошто државата виде дека луѓето го користат вака или онака и реши да се качи на тој воз, со тоа што пак пробуваат да не манипулираат. “ – вели Достовски, основач на здружението „Зелена Алтернатива“.

Законските измени кои се готват корисниците не веруваат дека ќе им донесе некаков бенефит. Во тоа веруваат домашните одгледувачи, чии магацини се полни со залихи од канабис, кој не исполнува стандарди за продажба и преработка за медицински цели.

„Ќе биде проблем ако не се исполнат ветувањата. Сериозен проблем ќе биде, затоа што ние планираме дури и да им донесеме канабис пред влада, ако не не затворат пред тоа, да им го донесеме и да ги јадат кравите. Значи мора сериозно да реагираат, не е шала ова, многу луѓе од нив имаат вложено станови куќи, значи ќе им земат се.“ – вели Костадин Дуковски, претседател на Здружението на одгледувачи на канабис за медицински цели „Маккабанис“

Додека бизнисот расте, пазарот останува монопол, посочуваат пак, познавачите на зелените политики. За од канабисот да имаат корист сите – требаат промени од корен.

„Сето тоа е поради лоша државна политика, и претходната и оваа власт се интересира само за финансискиот бенефит, што не е спорно тоа треба да го има но, меѓутоа во целост се запоставени потребите на пациентите.“ – потенцира Јанаки Митровски од Здружение за канабис и зелени политики „БИЛКА“.

Надлежните не ни одговорија што конкретно ќе менуваат во законот пред да го вратат во Собрание. Додека бизнисмените своите интереси најавиај дека ќе ги бранат со протести, тоа се чини не им е опција и на оние на кои канабисот им е мелем, затоа што кај нас, може да се одгледува и обработува, но да се биде во негова близина без дозвола од доктор се оди и во затвор.