Живка П. (59), која пред три дена претепа двегодишно дете во игротека во скопската населба Аеродром, доби 30-дневен притвор. Таа ќе одговара за кривично дело ‘запуштање и малтретирање на дете’ од чл.201 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна од една до десет години затвор. Останаа многу неразјаснети прашања за тоа како во земјава е организирано домашното згрижување на деца.

Случајот се отвори откако сопственикот на игротеката „Дежа ву“ ги прегледа снимките од безбедносните камери и виде како дадилка физички малтретира дете. Дадилката била ангажирана од семејство со три деца.

За овој случај реагираа и од Асоцијацијата на дадилки кои го осудија однесувањето на Живка П. и додадоа дека „ваквата состојба се должи на една долгогодишна анархија во областа на згрижување и нега на деца. Законот за заштита на деца е менуван неколку пати во изминативе две децении, но сѐ уште не дава применливо и соодветно решение, особено во домашното згрижување на деца. Според последните измени на Законот за заштита на деца за работа како негувателка на деца во домашни услови доволно е кандидатот да има завршено средно образование (и тоа какво било) за да полага за лиценца за негувателка. Полагањето за лиценца е полагање за дозвола за работа и ниту на еден начин не е доказ за знаење, вештини и компетенции на една личност“, сопштија од Асоцијацијата.

Од Министерството за труд и социјала најавија дека ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во агенцијата преку која била ангажирана дадилката, дали агенцијата ја почитувала законската регулатива при ангажирање на дадилката.

Живка П. веќе една година работела како дадилка во тоа семејство.

Роднини на семејството на детете по социјалните мрежи објавија фотографии на детето со видливи повреди на лицето и вратот, модринки и гребнатини. Блиски на семејството апелираат да ги контактира секој кој го забележал насилството бидејќи дадилката секојдневно ги шетала децата во населбата Аеродром. Вакво зло не смее никогаш повеќе да се повтори, порачуваат тие.