По одлуката на администартивно-помошниот персонал во здравството да излезе на протест поради како што велат дискриминација во однос на медицинскиот персонал веднаш следеле предупредувања, а и закани.

-Одлучивме да излеземе утре на протест пред министерството за здравство но веднаш следеа предупредувања, на некој начин и закани. Не предупредуваат да молчиме и чекаме и ќе следело решение. Но, не ни кажуваат кога. Нашата одлука следи по одлуката за покачување на платите на медицинскиот персонал, а ние сме изоставени, велат администратиците од Клинички центар на кои на утрешниот протест е најавено дека ќе им се придружат и од други јавни здравствени институции.

Според нив нема време за чекање зошто ќе се донесе Буџетот за 2020 година.

-Ако чекаме ќе останеме без ништо, вели вработен во администрација на Клинички.

Според наши извори предупредувањата, односно заканите оделе дотаму што им било кажувано дека ако мислат да излезат на протест и оваа служба ќе оди по принципот на јавно приватно партнерство.

-Таа идеја не е нова, одамна зборуваат дека може и треба овој персонал да биде под приватна фирма која ќе дава услуги на овие институции. Но, тоа не се прави така преку ноќ, посебно не со закани, вели вработен на Клинички.

На 13 ноември имаше средба на овој персонал со првиот синдикалец Горан Беговиќ кој на средбата им соопшти дека треба да се сретнат со министерот за здравство. Оттогаш овој персонал нема никаква информација.

Незадоволството кај административно-помошниот персонал порасна особено по одлуката платите на лекарите специјалисти да се зголемат за 25 проценти, а на медицинските сестри за 10 проценти.