Кумановската фирма за увоз на лекови „Гео Фарм“ не работи скоро две години, пропаднатиот обид за поткуп од 10 % од приходот, што го барале од Агенцијата за увоз на лекови, ја пломбирало фирмата тврди нејзиниот сопственик Марјан Бојковски.

Деновите кога му се јавил емисарот за да ја каже сумата, пријавата во полиција, подготовките од МВР како да се изведе акцијата за да ги фатат митаџиите, инспекциите од Агенцијата за лекови, затворањето на магацините и деновите поминати де во обвинителство, де во полиција ги памети до минута.

Во неврзан разговор ни раскажа се посочувајќи имиња, обвинувајќи дека се работи за органзирана група уценувачи кои како вирус се шират во бизнисот со дистрибуцијата со лекови, кога ја уклучивме камерата беше доста внимателен.

– Се плашите ли дека нешто може да Ви се случи?
– Како да не се плашам. Да ти стои некој …24 месеци истрага, да не знаеш што е како е, до каде е. Се допишувавме со писма, со документи, дописи сите одговараат половично, ништо конкретно – вели Бојковски, сопственик на „Гео Фарм“.

Бојковски во 2017 година поднесува барање до Агенцијата за лекови за дозвола за интервентен увоз. Тврди дека поднел комплетна документација, надевајќи се дека без никаков проблем ќе ја добие дозволата, оти редовно било така.

Иако рокот за одобрување е 30 дена, вели, одговор од Агенцијата не добил, конкретно не му кажувале дали е прифатено или отфрлено барањето. На 15 јануари 2018, му се јавува пријател и бара со него средба со Скопје.

– Требаше да дадам финансиска … мито! Јас не прифатив, се распрашав кои се што се – малку поголема група се и така пријавив во МВР – рече Бојковски.

На 8 февруари 2018 во Единицата за економски и компјутерски криминал во Скопје поднесува кривична пријава.Во неа наведува кој и зошто му бара поткуп – кој му се јавил и во чие име го барал поткупот.

Веќе следниот ден на врата му тропаат инспектори од Агенција за лекови, да му извршат вонреден инспекциски надзор. Тоа е доволна причина за сопственикот на Гео Фарм да се сомнева дека некој дошепнал дека тој во полиција пријавил за митотот од 10 %.

-Колку пари се тоа?

-10% од секоја увозна дозвола. Па, тоа на годишно ниво е од прилика од 40.000 до 48.000 евра – објаснува сопственикот на „Гео фарм“.
Инспекторите од Агенција за лекови ја пломбирале фирмата, без никаква основа, тврди Бојковски.

Иако полицијата осмислила акција за поткупот, истата се реализирала, но до сега нема одговор зошто никој не е уапсен. Тој самоиницијативно 6 месеци испраќал дописи до Обвинителство за да провери до каде е случајот, а во октомври годинава го повикале во организиран да даде исказ.

Случајот за затворањето на Гео Фарм, е пред Управен суд повеќе од година ипол, но нема завршница.

И во обвинителството за организиран криминал се влечка работата, вели Бојковски.Во институциите нема доверба, во правна држава не верува, бидејќи како што вели тој го пријавил и митото и митаџиите, но наместо да ги фатат оние што го уценувале, им дошепнале како да се заштитат, а него му ја затвориле фирмата.