Попуштил вентил на цистерна со 50 тони солна киселина во погон во населбата Маџари. Ова била причината околните жители да почувствувааат силна миризба, печење на очите и веднаш да се пожалат во општина Гази Баба.

Доцна во ноќта инспекторатот на град Скопје со полиција упаднал во фирмата „Макохемија“. Од надвор не можело да се забележи дека во овој погон се увезувале, чувале и пакувале отровни и опасни хемикалии.

По увидот во документацијата инспекторатот запишал дека 15 години оваа фирма поседува одобрение од Минситерството за здравство, но за тоа колку и како овој погон влијаел врз животна средина никој не знаел.

„Макохемија“ дозволата за работа ја добила од министерството за здравство од каде се уште се чека одговор дали во изминатите 15 години надлежните инспектори за хемикалии ја посетувале оваа фирма.

Прв казна за несовесно работење најави градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

Цистерните се затскриени во дворот на фабриката на само педесетина метри од околните згради во населбата Маџари. Хемикалите солна киселина, хлор, ацетон и други опасни материи се користеле за производство на детергенти и средства за чистење.

„Макохемија“ пријавила 9 вработени и широка палета на продукти кои се прават со опасни и отровни хемикалии.

Ова е втора хаварија во Скопје откако поранешниот хемиски гигант при чистење на отровни хемикалии од дотраен вентил протече метил акрилат за што се уште се чека лабораторискиот наод и одговорот на државниот инспекторат за животна средина дали ќе има санкции или не за фирмата која што за два милиони евра треба до март да отстрани 11 опасни материи меѓу кои и запаливиот и експлозивен винил хлорид.