На 3 декември секоја година, почнувајќи од 1992 година, се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигање на свеста за нивните права. Оваа година, Меѓународниот ден се фокусира на зајакнување на лицата со попреченост во насока на инклузивен, еднаков и одржлив развој, а во согласност со имплементацијата на Агендата за одржлив развој 2030, под мотото ‘leave no one behind’. Во таа насока, меѓународната заедница се залага за обезбедување на еднаква вклученост на овие луѓе во сите сфери на општествениот живот и создавање на соодветна средина за нивно непречено функционирање и достоинствен живот, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија.

Процесот на деинституционализација, кој се интензивираше во 2018 година, продолжи да се спроведува со истиот тек и во 2019 година. Покрај постепеното напуштање на институционалното живеење и трансформација на институциите, процесот продолжи со зајакнување на алтернативните форми на згрижување и сместување, како и развивање на сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства во рамки на локалната заедница.

Во текот на 2019 година, беше донесен новиот Закон за основното образование[1] кој предвидува вклучување на децата со попреченост во редовното образование, како и форми на поддршка во образовниот процес. Во тој контекст, Хелсиншкиот комитет за човекови права, го поздравува донесувањето на овој инклузивен закон, но истовремено укажува и на недостатоците кои произлегуваат од досегашната имплементација. Се очекува дел од нив да се отстранат со донесување на подзаконските акти на почетокот од 2020 година, со кои, меѓу другото, ќе биде допрецизирана и регулирана постапката за одобрување на образовни асистенти. Децата со попреченост и нивните семејства се уште се соочуваат со предрасуди и дискриминација, како при запишување во редовните училишта, така и во текот на образовниот процес.

Особено е важно што со воведувањето на Меѓународната класификација на функционалност, попреченост и здравје (МКФ), која ја заменува досегашната категоризација на децата со попреченост според застарениот медицински модел, фокусот сега е ставен на проценување на нивните способности, со што ќе се овозможи препознавање на нивниот потенцијал, а со цел постигнување на подобра вклученост и обезбедување на соодветна поддршка за понатамошен развој, се вели во соопштението.