Лицата со телесен инвалидитет во земјава, на средба во Прилеп го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со попречености. Беа посочени потребите и проблемите на тематската работилница „Пристапност“.

Попреченото движење по тротоарите и непристапноста до одредени државни и пред сѐ образовни институции, како и несоодветните ортопедски помагала се главните проблеми за чие решавање е потребен ангажман на локалните заедници и на државните институции, констатираа од Сојузот на здруженијата на телесноинвалидизираните лица „Мобилност Македонија“.

Претседателот на Сојузот Бранимир Јованоски, изјави дека оваа година напорно работеле на две теми: пристапноста и ортопедските помагала и посочи дека е во тек носење на законот за градење. Тој посочи дека архитектонските бариери се основна пречка за целосна социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет и нивниот сојуз е во постојана комуникација со МТСП. Според него, има подобрувања во пристапноста низ државава, но не со динамика која ја тие ја посакуваат, особено во објектите каде што се изведува настава за средно и за високо образование. Тоа значи дека тие не може да се едуцираат и да се стекнат со знаења и вештини и да бидат конкурентни на пазарот на трудот.

Што се однесува до ортопедските помагала, Сојузот веќе три години интензивно преговара со Фондот за здравствено осигурување за проширување на понудата. Достапно е пневматско повеќеосовинско колено, а допуштена е и можноста за добивање електронско колено кое е скапо и компјутерски регулирано.

Стеван Ангелески, претседател на Здружението на телесни инвалиди од Прилеп, посочува дека десет години се борат за спроведување на она што е пропишано со Конвенцијата, но досега е спроведено само 30 насто.

Дел од засегнатите лица посочуваат дека голем сегмент од ортопедските помагала не ги задоволуваат квалитетите, особено во однос на инвалидските колички. Тие велат дека една инвалидска количка треба да се користи пет години, но веќе по шест месеци е разнишана и не функционира.

Во земјава има вкупно 17 здруженија, а Сојузот има над 8 000 активни членови. Според Светската здравствена организација, 15 отсто од популацијта се соочува со некаков вид телесен инвалидитет.