Со почнувањето на сезоната со ниски температури, главниот град на земјава почна да ги освојува првите места на листата на градови со најзагаден воздух. Скопје деновиве беше меѓу трите најзагадени градови во светот. Според веб-страницата на светската агенција за мерење и индекси на загаденост, пред македонскиот главен град единствено се наоѓаа градовите Кабул во Авганистан и Њу Делхи во Индија. Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека девет од 10 луѓе дишат воздух што содржи високи нивоа на загаденост.

Дека загадувањето претставува голем проблем за жителите во градот покажуваат и податоците од ревизорскиот извештај ЕУРОСАИ, преку кој е утврдено дека скопјани дишат загаден воздух 162 дена во годината. Тоа, пак, е причина за предизвикување бројни заболувања и згаснување голем број животи.

Пред неколку дена Скопје имаше индекс за квалитет на воздух од 172 и поради тоа се најде на трето место во светски рамки. Меѓу позагадените места во градов беа населбата Драчево со 173 и Кисела Вода со 157 индекс за квалитет на воздухот.

Според СЗО, во Македонија 2.574 луѓе умираат предвреме секоја година како директен резултат на загадувањето на воздухот. А пак, според едно истражување од 2019 година, се наведува дека поради неквалитетниот воздух, на годишно ниво голем е бројот на лица со респираторни заболувања и предвремена смрт од рак на белите дробови. На оваа листа по Скопје се наоѓа Тетово.