Жители на општината Ѓорче Петров повикаа на масовен протест за расчистување на најголемиот проблем со загадувањето во оваа скопска општина, депонијата во Ново Село. Една недела по првиот протест, граѓаните преку Фејсбук повикуваат во недела во 12 часот, на масовен собир против загадувањето.

„Ѓорче Петров е НАЈЗАГАДЕНАТА општина во Република Македонија! На 07-ми декември ПРОТЕСТИРАВМЕ и упативме јавен апел до надлежните институции да преземат мерки за расчистување на најголемиот проблем за загадувањето во Ѓорче Петров, депонијата во Ново Село, а една недела потоа нема НИКАКВА реакција.

Протестот е против неконтролираното депонирање на отпад со камиони на оваа депонија додека рампите се кренати‼️ Оваа депонија се наоѓа до реката Лепенец, во близина на сливот со реката Вардар!

Со тоа оваа депонија нема влијание по здравјето само на ѓраѓаните од Ѓорче Петров туку и на ѓраѓаните на Карпош, Влае, Бардовци и Злокуќани“ велат организаторите на собирот во недела.