Денес во организација на Македонското друштво на пластични и реконструктивни хирурзи беше одржан Симпозиум за реконструктивна и естетска хирургија на дојки. На симпозиумот присуствуваа еминентни предавачи од земјата и странство. Оваа тема во медицината е онаа за која малку се зборува, а има големо поле на интерес особено кај оние пациентки кои биле подложни на мастектомија, односно хируршки им биле отстранети едната или двете дојки, делумно или целосно, најчесто за да се овозможи лечење на карцином на дојка.

На симпозиумот беше истакнато дека се зголемува бројот на жени кои бараат естетски интервенции и тоа за секаков вид на корекција, при што лимитите во однос на возраста изостануваат. Се случува да има и пациентки кои се над 70 години, а сепак заради убавина без проблем се одлучуваат да „легнат под нож“.

Во нашата држава, Фондот за здравствено осигурување ги покрива операциите кога станува збор за присуство на карцином или доколку пациентките сакаат предвремено да им биде отстранета дојка поради генетски предиспозии за рак или поради можност од повторување на карциномот. Естетските операции, пак, меѓу кои и оние кога пациентката има потреба од една ваква операција по изведена мастектомија поради рак, ФЗОМ не ги покрива, односно истите се приморани сами да ги финансираат.

Присутните хирурзи истакнаа дека е многу важно државата да има удел, односно да застане зад оваа проблематика и да се направат напори онколошкиот и естетскиот дел да имаат поголема соработка. Соработката е всушност комплетниот тим кој ќе стои зад секоја онколошка интервенција, односно да има пластичен хирург, онколошки хирург, хемотерапевт, радио-терапевт и психолог.