Aерозагадувањето ги донесе во судница надлежните институции. Владата, министерството за животна средина и Град Скопје се товарат за кршење на човековите права, бидејќи не презеле мерки за намалување на аерозагадувањето. Тужбата ја поднесе Македонското здружение на млади правници.

Државниот правобранител и полномошникот на Градот Скопје ја спорат надлежноста на граѓанскиот суд за овој предмет. Тужителите пак, повикувајќи се на европската пракса, го повикаа судот да ја прифати тужбата во целост и да ја задолжи државата да преземе ефективни мерки за намалување на штетните честички.

Пиковите на ПМ10 вчера ги обоија во црвено голем дел од градовите во земјава, па и претседателот на државата Стево Пендаровски најави дека во понеделник оваа тема ќе биде главен фокус на седница на советот за национална безбедност.

– За прв пат ќе разговараме на тема аерозагадување и освен оние кои секогаш стандардно ги повикуваме, за безбедносни теми, ќе бидат повикани невладините организации кои се активни во оваа област, ресорното министерство и надлежните министри и луѓе за да ги соочат аргументите, бидејќи мислам дека треба да се направи една надпартиска државна стратегија, изјави Стево Пендаровски.

Во смог и малга од вчера се обвиени поголемите градови во земјава. Најзагадена синоќа беше Битола, каде граѓаните на социјалните мрежи веќе организираат протести, а демонстративен марш за во петок најавија и скопјани.