Како резултат на аерозагадувањето и непревземањето на скоро никакави мерки од страна на надлежните институции, Граѓанските организации, активисти и здруженија овој пат обединети под “Зелен фронт” повторно ќе излезат на улиците утре од 17 часот и преку марш ќе побараат исполнување на дадените ветувања за борба со последиците од загадениот воздух. Татјана Чакулев од О2 Иницијатива вели дека последиците од загадувањето ќе бидат долгорочни со оглед на тоа што новите генерации се раѓаат и растат во исклучително загадена околина. Протестите и другите форми на граѓански притисоци ќе продолжат се додека не се покаже реална политичка волја и подготвеност да се спроведат решенија кои животот на граѓаните ќе го стават пред профитот.

Од граѓанските асоцијации посочуваат дека досега од се она што е поставено како барање, две барања, друго ништо не е исполнето. Тие ќе бараат од владата да потврди дека има политичка волја за решавање на проблемот со загадувањето, не само реторички, за време на говорите и изјавите на своите претставници, туку и фактички. Исто така посочуваат дека ова не е проблем што зависи од една или друга партија, ова е прашање од национална важност, и никој кој може да решава, а останува пасивен не смее да биде амнестиран од одговорност.

Една од многуте причини за излегувањето на протест е и немањето дијалог со институциите, токму поради фактот што присуството на граѓанските здруженија на состаноците и работните групи служи само како алиби дека нешто се работи, а во пракса многу малку или ништо не се случува.