Животот во загадени градови предизвикува многу поголем ризик од депресија, па и од самоубиство, бидејќи отровите може да го оштетат мозокот, тврдат научниците.

Истражувачите од Универзитетот во Лондон го анализирале влијанието на вдишувањето отровен воздух врз менталното здравје на луѓето од 16 различни земји. Резултатите покажале дека стапката на суицидност и депресија расте како што расте и стапката на загаденост.

Се смета дека отровните честички кои ги емитираат автомобилите и индустриите, преку дишењето продираат во крвотокот и влијаат врз нивото на хормонот за стрес, а сето тоа е поврзано со лошото ментално здравје.

Анализите покажале дека просечната изложеност на ситни отровни честички, кои се мерат како „партикулате матер“ (ПМ) од 2,5 (што одговара на најситните честички), била 44 микрограми по кубен метар. На секои 10 микрограми над оваа количина имало 10 отсто повеќе случаи на депресија и два отсто повеќе самоубиства.

Загадувањето го поттикнува и порастот на дегенеративни болести, како што се Алцхајмерова болест и други форми на деменција, тврдат експертите.

1. Изложеноста на загадување доведува до намалена интелигенција кај децата: Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, откриле во мај 2019 дека децата родени од мајки кои живеат во загадени подрачја имаат интелигенција која е до седум бодови пониска од онаа на децата што живеат во места каде што се внимава на чистотата на воздухот.

2. Ја намалува способноста за помнење кај децата: Истражувачите од Институтот за глобално здравје од Барселона откриле дека децата што се изложени на загаденост поголема од 2,5 ПМ уште во матката, полошо поминувале на тестовите за помнење до нивната десетта година.

3. Го забавува развојот на децата; Младите кои живеат во близина на прометни улици два пати почесто полошо поминуваат на тестовите за комуникациски вештини во првата година од животот, откриле истражувачите од Националниот институт за здравјето на децата. Истражувањето покажало дека кај нив постои поголема веројатност дека ќе имаат полоша координација на рацете и очите.

4. Доведува до анксиозност кај децата: Научниците од Универзитетот во Синсинати тврдат дека загадувањето може да ја промени структурата на детскиот мозок и да доведе до анксиозност.

5. Го скратува животот: Децата родени денес ќе изгубат речиси две години од животот поради загадувањето на воздухот, се наведува во извештајот на американскиот Институт за здравје од Универзитетот во Британска Колумбија.