Тежок и речиси непроодлив е патот на граѓаните до клиниките поради паркираните возила низ улиците, ама проблемот со движењето на возила низ Клинички засега останува нерешлив. Здравствените власти, само ветуваат оти паркинг ќе има, ама кога, не се знае, бидејќи пропадна планот од пред две години, ама и последниот тендер што се распиша, е неуспешен.

-Го започнавме процесот за катна гаража, ама никој не се пријави, па сега мора да го повториме. Ова е посложена постапка, чекавме мислења од бирото за јавни набавки, а цела постапка треба да помине и низ владината процедура. Мислам дека ќе можеме во јануари да ја повториме постапката, изјави Филипче.

Ама министерот вели оти ова било единственото нешто што не го исполниле, а притоа го изуми најважното, изградбата на новиот Клинички центар.

-Тоа е единствената работа во приоритетите која не успеавме да ја завршиме. По зголемување на платите, дежурствата, капитациите на матичните лекари, ослободување на квотите за лекови, а и решавање на сите програми на министерството во однос на инсулините, вацините и ретките болести, изјави Филипче.

Старата зграда на Гинекологија беше урната во времето на ексминистерот за здравство Никола Тодоров, со цел, според тогашните идеи, на тоа место да се гради новата зграда на Клиничкиот центар. Владата на Заев се откажа од овој проект, па ги промени намерите, а министерот Филипче изградбата на монтажната катна гаража ја најави уште во март лани. Тој тогаш рече дека за кусо време ќе има катна гаража. Овој план, за разлика од другите, се уште стои, ама само на хартија.