Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите затоа што се плаши од избори и соочување со народот, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

-Зоран Заев многу добро знае дека изборите за него значат крај на политичката кариера, а потоа следи одговорност. Зоран Заев знае дека сето ова негово владеење, кое е препознатливо по виткање на кичмата, рекет, изнуди, уцени, трговија со националните интереси, тепање на граѓаните и праќање на рекетари, народот не го одобрува. Затоа Зоран Заев не сака соочување со народот. Сака да одбегне пораз и да одложи соочување со одговорноста за своето работење – рече Николоски.

Според него, на Заев во овој момент му треба алиби за одложување на изборите.

-Првото алиби му беше усвојувањето, односно ратификувањето на протоколот за влез во НАТО, кое не му успеа, затоа што таквото алиби беше лесно  разобличено од ВМРО-ДПМНЕ. Следното алиби кое што го креира Зоран Заев, на неколку недели пред распуштањето на Собранието, е поднесувањето на стотици закони во собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина, штетна за граѓаните и апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе потсетам таму има закон за промена на изборниот законик односно изборниот модел, за кој нема политички консензус. Потоа има закон за армијата, каде ние велиме ќе го прифатиме, освен промената на името на Армијата, што преставува обезличување на истата. Ние нема да прифатиме закон за обезличување на столбот на Македонија, АРМ по ниедна цена, а особено не сега не треба да и биде променето името и тоа не може да го бара никој од нас – истакна Николоски.

Тој додава дека ваквото сценарио е надополнето со паничната партизација на полицијата, масовни вработувања на партиски кадри во здравството.

-Направена е и незаконска и криминална систематизација во МВР. Службениците во МВР по цел ден куцаат решенија за прераспределување и за нови позиции, 1.200 решенија се поделени за еден ден, спротивно на закон се укинува единицата АЛФА, се формираат нови одделенија, а воедно на спорен начин се прераспределуваат луѓе. Во здравството испратен е допис со кој се бара сите здравствени установи да достават барања за вработувања за да може да се истите процесуираат до Министерство за финансии. Овде се работи за стотици вработувања на партиски кадри, роднини и пријатели на функционери на власта. Такви веќе, над 150 по број се случуваат во МЕПСО и во ЕЛЕМ – обвини потпретседателот на ДПМНЕ.