Нашите ветувања беа фокусирани на зголемување на платите на здравствените работници. Здравствената администрацијата доби зголемување на платите во два наврати досега, еднаш лани кога се зголемија сите плати во здравство и еднаш годинава со зголемување на платите на администрацијата, изјави денеска за МИА министерот за здравство Венко Филипче.

Здравствената администрација и помошно-техничкиот персонал на јавните здравствени установи, денеска одржаа протест пред Министерството за здравство на кој побараа за десет отсто да се зголемат нивните плати и најавија дека ако не се исполнат нивните барања ќе побараат од синдикатите протестот да се претвори во генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации.

Филипче посочи дека разговараат со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за да ги утврдат начините како може здравствената администрација да ја одделат од другата, за следен чекор, период што доаѓа, да има некаква правна форма и тоа да биде начин според кој оваа администрација во здравството заради спецификите, да биде одделена од другата.

– Веќе имавме состаноци и со министерот за информатичко општество и администрација Манчевски и со една работна група од администрацијата, им кажавме што е идејата, тие се вклучени во тоа. Така што тоа е ставот, значи ние не можеме сега овој момент нашата администрација да ја одделиме од другата во другите сектори… Лани се зголемија платите на сите вработени во јавно здравство, тука влегоа буквално сите. Годинава исто така, со тоа што администрацијата за разлика од другите доби зголемување во септември токму поради овие исти причини, бидејќи ја врзавме со другата администрација и другите сектори, а сите други и помошно – техничкиот персонал добија во јануари. Значи во два наврати зголемени плати – рече Филипче.

Тој нагласи дека ќе продолжи со комуникацијата со нив за да се изнајде решение.

Во врска со одвојувањето на здравствената администрација од другата администрација, Филипче рече дека ќе се обидат, но не знае дали ќе можат тоа да го направат.

– Значи тоа не зависи само од нас. Сепак тоа зависи од Министерството информатичко општество и администрација. Може тоа да биде една од тезите за кои ќе дискутираме на состанокот. Меѓутоа не знам дали тоа може да биде така. Значи ние не можеме да ја издвоиме оваа администрација од другата администрација во други ресори, тие не се никако издвоени во овој дел. Дополнително тие двапати добија зголемување, еднаш со цела администрација и еднаш како дел од здравствен систем, вработени во јавно здравство лани во септември, кога добија сите 20.000 – додаде Филипче.