Министерот за здравство, Венко Филипче, со писмо ги известил здравствените установи кои поделиле предновогодишен бонус дека вработените ќе мора да ги вратат парите, дознава „Слободен печат“.

По 3.000 денари им биле исплатени на вработени во Здравствен дом Скопје, а суми од околу 12.000 денари биле префрлени и на вработени во некои од клиниките.

Оваа традиција постои со години и е на некој начин замена за регресот за годишен одмор што не се исплаќа во јавната администрација. Исплатата на овие пари се врши со одлуки на управните одбори на здравствените установи.

„Пред три години беше донесена одлука на вработените по стаж поголем од 20 години да се исплатува јубилејна награда. Тоа не се прави наеднаш туку на 3-4 пати во текот на годината. Но сега поради наредбата од министерот, парите ќе треба да ги вратиме. Платите во јавното здравство не се големи и ова беше некој вид компензација, иако мал дел сепак значеше нешто.

Мора јавното здравство да е пред банкрот кога им дошло до нашите 3.000 денари“, велат вработени во Здравствен дом Скопје, за писмото на Филипче.