Денес граѓаните на Струмица повторно излегоа на протест против аерозагадувањето. Тие порачаа инспекторите за животна средина да излезат на терен и да ги лоцираат, а потоа да ги објават и санкционираат загадувачите на воздухот во Струмица. Разочарани се што институциите останале неми и покрај тоа што на претходниот протест ги потенцирале и загадувачите и последиците кои загадувањето ги остава по здравјето на луѓето. Велат наместо мерки и решенија добиле лекции за одлагање на ѓубрето од домаќинствата.

Од неформалната граѓанска група која ги иницираше протестите за почист воздух предлагаат повеќе мерки кои според нив значително ќе го намалат загадувањето на воздухот. Меѓу нив се контрола на сообраќајот, пар непар возење, редовни контроли на сите загадувачи и на суровините кои се горат, санкционирање на сите прекршители без исклучок, но и субвенционирање на инвертер клими и за Струмица.

Од неформалната граѓанска група наведуваат дека не прифаќаат не за одговор и инсистираат на средба со надлежните за да им ги достават нивните предлози, но и да добијат одговори кои конкретни мерки ќе бидат преземени и како институциите ќе пристапат кон решавање на проблемот.