Градската општа болница 8-ми Септември е најдефицитарна со анестезиолози. Причината е зголемен број на пациенти и интервенции. Итните пациенти се згрижуваат веднаш, а кај оние што се хронични постои процес на чекање, вели Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми Септември. За проблемот со недоволниот анестезиолошки кадар во ГОБ „8 Септември“ директорот рече дека се решава со анестезиолози од Клиниката за анестезија и реанимација. Неопходноста за нив е за да се намали листата на пациенти што чекаат за хируршка услуга.

Секако не треба да се заборави и негативниот тренд на иселување на медицинскиот кадар од државата, што претставува основна причина за недостигот од лекари и специјалисти по државните болници.

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари -АСМЛ, пак, на својата официјална фејсбук страна потсети на некои од загрижувачките факти, што се предмет на незадоволство помеѓу здравствениот кадар. Тие нагласуваат дека Македонија ќе ја заврши 2019 година со околу 4700 активни лекари севкупно, што е за 22% помалку лекари од просекот во ЕУ, иако поголем проблем е катастрофалната дисперзија по региони. Тие велат дека околу 200 студенти годишно завршуваат медицински факултет, а ист е бројот на оние кои си заминуваат од земјава.

Од Извршниот одбор на Асоцијацијата на специјалисти и млади лекари  – АСМЛ  посочуваат дека „статусот на младиот лекар во Македонија е далеку од задоволителен, и има многу што да се смени“ и притоа додаваат: „Повеќе од 90 лекари ја напуштија земјата од почетокот на годината, за 20% повеќе од истиот период лани. Дваеесет и четири часовните дежурства и понатаму се неплатени. Државната просечна плата за млад општ лекар е 26.000 денари, додека колегите на специјализација се со плата од 24.000 денари. Продолжија скандалозни конкурси за вработување под старите одредби, со дискреционо право на комисијата да одлучи за вработување без оглед на ранг листа по квалификации. Партиските вработувања се секојдневие и натаму“.

Од друга страна пак, искуството на граѓаните, пациенти, покажува дека недостатокот од медицински кадар се чувствува. Специјалисти од други градови доаѓаат на одреден период (пример еднаш во месецот), па така пациентите мораат да чекаат долг период за да бидат прегледани или во спротивно се принудени прегледот да го извршат во приватна здравствена установа. Граѓаните реагираат дека ненавремените и лоши услуги понекогаш се и пресудни по нивниот живот, особено кога треба да се интервенира во итни ситуации.

Проблемот со недостаток на специјалисти не се однесува само на пациентите, туку и на самите специјалисти кои во текот на еден работен ден се случува да треба да прегледат и до 50 пациенти. Тоа не им дозволува временски да посветат доволно внимание и грижа за секој поединец, што повторно резултира со незадоволство.