Преголемата жед може да биде еден од начините на кои телото ви кажува дека постои некој здравствен проблем.

Секоја состојба која го менува балансот на вода или сол во телото предизвикува жед, а такви може да се:

1) Дијабетес
И двата вида на дијабетес (тип 1 и тип 2) можат да го зголемат ризикот од дехидрација, особено доколку уште не сте свесни дека ја имате болеста. Кога нивото на шеќер во крвта е превисоко, телото ги тера бубрезите да продуцираат повеќе урина за да телото се ослободи од вишокот глукоза, а честото уринирање (уште еден вообичаен симптом) предизвикува жед.

Доколку искусувате преголема жед и уринирање, како и останати симптоми како необјасниво слабеење, замор или раздразливост, направете испитувања на шеќерот во крвта за да утврдите дали можеби имате дијабетес.

2) Сува уста (ксеростомија)

Сувата уста, познато и како ксеростомија, често пати се меша со преголемата жед. Се работи за абнормална сувост на мукозните мембрани во устата поради редукција на течењето или промената на составот на плунката. Доколку жлездите не создаваат доволно плунка, тоа може да доведе и до други симптоми како непријатен здив, потешкотии во џвакањето, како и густа плунка. Вообичаени причини за оваа состојба се пушењето тутун или марихуана, стресот, анксиозноста,но и стареењето.

Сувата уста може да биде и несакан ефект од разни лекови (како антидепресиви и лекови за регулирање на крвниот притисок, лекови за алергија или за вртоглавица и лошење при возење.

3) Проблеми со тироидата

Тироидната жлезда е одговорна за тироидниот хормон кој помага за регулирање на апетитот, енергијата, внатрешната температура и други витални телесни функции.

Проблемите со тироидата се вообичаени кај жените, а вклучуваат продуцирање на премногу или премалку хормони што може да предизвика мноштво симптоми како абнормално обемна менструација, анксиозност, чувство на топлина и сува уста – кои сите водат до зголемена жед.

4) Хроничен стрес

Хроничниот стрес предизвикува влошена функција на жлездите кои лачат адреналин, што може да резултира со низок крвен притисок кога стресот е силен. Тоа, пак, може да предизвика вртоглавица, депресија, анксиозност, но и екстремна жед. Тоа е начинот на кој што телото додава повеќе вода во крвта, во обид да го зголеми крвниот притисок.

5) Диуретична храна
Храната која има диуретичен ефект може да предизвика жед бидејќи тера на пофреквентно уринирање. Тука спаѓа храната како целер, аспарагус, цвекло, лимони, дињи, ѓумбир и магдонос.

6) Исхрана со малку јаглехидрати

Чувството на жед е вообичаен несакан ефект на кето диетата, со која се внесува екстремно мала количина јаглехидрати. Тие апсорбираат и задржуваат повеќе вода од протеинот и мастите, што резултира со потребата за почесто уринирање, што пак ја зголемува жедта.

7) Бременост

Преголемата жед е еден од неколкуте знаци за бременост. Волуменот на крвта се зголемува во првото тромесечје од бременоста, што ги присилува бубрезите да креираат повеќе урина, а гадењето и „утринското лошење“ кои се дел од бременоста исто така допринесуваат личноста да пие помалку вода.

8) Преголемо крварење

Наглото и обемно крварење (како резултат на менструација или пак на чиреви кои крварат) ја зголемува жедта, а исто така е и вообичаена причина за анемијата (т.е слабокрвност), состојба каде телото губи црвени крвни клетки многу побргу отколку што е потребно време истите да се заменат.

9) Дијабетес инсипидус

Дијабетес инсипидус е ретко нарушување кое влијае на апсорпцијата на вода. Тоа не е поврзано со дијабетесот кој ни е познат, туку со него дели одредени симптоми како што се дехидрацијата и пречестото уринирање.