Четири дена по забраната од Државниот санитарен и здравствениот инспекторат до Катлановска бања дека не смее да прима пациенти бидејќи нема дозвола за здравствена дејност, денеска со писмено соопштение се јавија и од оваа установа. Велат дека работеле согласно сите законски прописи и сите договори со државни институции биле валидни. Во соопштението од  Катлановска е наведено дека  денеска поднеле барање до Министерството за здравство за основање на приватна здравствена установа а се уште чекале одговор и на барањето за обнова на дозволата за работа од 2013 година, согласно измените на Законот за здравствена заштита.

Инаку, Државниот здравствен и санитарен инспекторат донесе времена забрана за Катлановска бања во медицинскиот дел, откако во инспекциски надзор затекнаа тројца странски лекари кои без дозвола работеле во бањата. Покрај инспекторатот постапка води и Финансиска полиција кои повеќе информации најавија за наредната недела.