Ви ги откриваме предностите на ласерското отстранување кариес, кое претставува голема предност во современата стоматологија

Како изгледа процедурата на поправање заби со ласер?

Основната разлика меѓу класичното и ласерското поправање заби е во начинот на кој се отстрануваат тврдите забни ткива. Дупчалките остваруваат контакт со забот, и ткивото го отстрануваат механички, а кај ласерот нема контакт. Ласерот ја конвертира светлосната енергија во топлинска и создава површински мини-експлозии.

Бројот на тие експлозии е 50.000 во минута, па и повеќе, што е доволно нервот да се „збуни“ и да не се чувствува болка. Покрај отстранување кариес, на површината што ја обработил ласерот нема бактерии, а има и подобра структура за поврзување со белата пломба.

Дали поправањето е болно?

Поправањето на забите со класичниот метод е болно и потребна е анестезија. Токму болката е главна причина поради која луѓето избегнуваат посета на стоматологот. Звукот на дупчалката и вибрациите што ги предизвикува, како и стравот од иглата при давање анестезија не се занемарливи причини за страв на пациентите.

Кај ласерот, поради начинот на кој се отстрануваат кариозната маса и забното ткиво, најчесто не постои болка.

Кај помал број пациенти се јавува послаба болка поради воздухот и водата кои служат за ладење на обработеното место. При поправање со ласер нема вибрации, па пациентите што еднаш ќе го пробаат, најчесто инсистираат ласерски да им се средуваат и другите проблеми во усната празнина.

Она што не смее да се заборави е дека завршната обработка на пломбата мора да се изврши со дупчалка, но тоа е сосема безболно.

Дали е можно да се отстранат сите типови кариес со ласер?

За отстранување кариес се користат ербиумски ласери, со кои е можно да се отстрани тврдото забно ткиво. Постојат и ласери кои реагираат на пигментните ткива, но не се користат за поправање заби, туку имаат друга намена.

Со современите ласери е возможно да се отстранат сите типови кариес, но во практиката се користат само за помали кариеси затоа што зоната на дејствување на ласерскиот зрак е многу тесна (помала од 1 милиметар), па отстранувањето на големите кариозни лезии би траело долго време.

Доколку забот е пломбиран со стара амалгамска пломба, не е возможно да се работи со ласер.

Kои се предностите на ласерот во однос на стандардниот метод на поправање заби?

Побрза и безболна работа, која значително го скратува времето на закрепнување на пациентот, со максимално зачувување на околното здраво забно ткиво.

Кои други стоматолошки проблеми можат да се санираат со ласерот?

Ласерите во стоматологијата имаат широко поле на примена. Всушност, најмалку се користи за поправање на забите. Предностите на ласерот се во малите хируршки интервенции, бидејќи по работата нема крвавење, отоци и болка. Раните зараснуваат многу побрзо и не е потребно шиење.

Особено се ефикасни кај парадонтолошките и естетските процедури, како што се, на пример, отстранувањето на вишокот непце што е видливо при смеење, белеење на забите, ендодонтско лекување заби.

Ласерот не е семоќен, понекогаш е доволен за лекување на забите, но понекогаш е само помошно средство што ги подобрува резултатите на класичните методи.

Кога забите се поправаат со ласер…

  • главно не се чувствува болка
  • го нема звукот на дупчалката
  • нема вибрации и топлина
  • се отстранува помалку здраво забно ткиво
  • на обработената забна површина нема бактерии
  • белата пломба подобро се прицврстува за забот

Преземено од www.ubavinaizdravje.mk