Од денеска за 20 денари поскапува паркирањето во Центар и ќе се плаќа во зависност од зоната, велат од ПОЦ. Тоа значи дека цената за час паркинг во некои зони ќе достигне до 70 денари. Поскапувањето се однесува само на паркирањето од час, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ПОЦ остануваат исти.

Граѓаните се поделени. За едни е добро што цената се зголемува, зашто центарот буквално се гуши од возила, за други не е добро бидејќи се удира по џебот на граѓаните.

Општинското претпријатие за паркирање, пак, почнува со нова кампања за подигнување на јавната свест под слоганот „Центар не е паркинг“. Градските власти велат дека со овие видео пораки сакаат да апелираат до граѓаните да користат алтернативни начини на превоз.

Васко Кичевски, директорот на ПОЦ вели дека општина Центар не може да ги прими сите возила, не само на жителите на Скопје туку и на граѓаните од другите градови. Трендовите за зголемување на паркирани возила во центарот на градот се зголемуваат, па затоа решено е да се зголемиме цената на паркирањето за 20 денари од час. На тој начин се надеваат дека ќе ги дестимулираат граѓаните да користат автомобили.

Дискутабилно е дали со оваа мерка може да се влијае на загадувањето во главниот град. Секојдневно сме сведоци на протестите од големиот број на активисти и здруженија на граѓани кои само потсетуваат дека ништо или скоро ништо не се прави по прашањето за решавање на аерозагадувањето. Состојбата е алармантна, а властите со ваквите мерки не покажуваат доволна сериозност во разбирањето колку е важно животната средина во која секојдневно дејствуваме сите ние да биде чиста. Сведоци сме на покачениот број на белодробни заболувања секојдневно кај децата особено во зимскиот период, а знаеме дека најмладите се најчувствителна категорија која треба да биде нашата иднина и во која треба да вложуваме. Да не зборуваме за хронично болните кои мака мачат со загадениот воздух, а свесни сме и за покачениот број на болни од рак на бели дробови.

Оттука се поставува прашањето, дали 70 денари на час за паркинг ќе ги реши сите овие проблеми или ќе биде уште една мерка со која градските власти ќе се обидат да го одвлечат вниманието од она што е важно. Останува времето да покаже. Ова се само дел од коментарите на засегнатите граѓани по социјалните медиуми.