Нови 583 случаи со заболувања слични на грип се пријавени во текот на 2-ра недела од 2020 година (06.01–12.01.2020), што е зголемување за 2,8 пати во споредба со минатата недела, кога имало 207 нови заболени, информираат денеска од Институтот за јавно здравје на РСМ.

Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со 2-ра недела од минатата сезона (n=378) е зголемен за 54,2 отсто, а во споредба со бројот за 2-ра недела од  последните 9 сезони (1.163) се регистрира намалување од 49,9 отсто.

Сепак, пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,4/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 18 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, пет (27,8%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – 3 Influenza A/H1pdm и 2 Influenza А несубтипизиран.

Најмногу пријавени се во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 49,1/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се случаи од 18 извештајни единици, од кои во 9 извештајни единици бројот на пријавени е поголем или еднаков на 10. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=166), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива ПЕ Дебар (I=209,0/100.000 жители) со 58 пријавени случаи.

Во 13 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 3 е регистрирана сезонска (ниска), а во 2 – Струмица и Дебар – средна активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Оваа сезона, вкупен број на заболени од грип изнесува 1.618 лица.

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.792), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 9,7 отсто, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=3.286) се регистрира намалување од 50,8 отсто.