Енормното аерозагадување „чини“ 25 години од животот на секој човек во земјава.

На најголем удар се изложени жителите на Скопје и Тетово, се вели во истражувањето на Институтот за јавно здравје. Нивните студии покажале дека годишно во просек умираат 1205 лица во Скопје и 265 во Тетово како последица од канцерогениот воздух.

„Пресметавме дека оние што предвреме починале и се влезени во оваа наша статистика, да речеме од тие отприлика 1200 животи во Скопје годишно кои се губат – изгубиле 20-30 години, а ако е повисока концентрацијата како во Тетово и до 40 години од сопствениот живот може да изгубат како резултат на тие изложености“, вели Мирјана Димовска научен соработник од Институт за јавно здравје.

За 40 проценти од луѓето кои заболеле и починале од рак на бели дробови причината била токму аерозагадувањето. Но, штетните ПМ10 и ПМ2,5 честички не ги напаѓаат само дишните патишта. Дури 70 отсто од срцевите заболувања се припишуваат на загадениот воздух, а константната изложеност на штетните честички пропорционално го зголемува и ризикот од мозочни удари.

„Не само респираторните, афектирани се крвните садови на срцето, крвните садови на мозокот, така што мозочниот удар е најчест здравствен исход кој што го среќаваме во услови на вакви долготрајни изложености. Во однос на карциномот, дури 40% од оние што заболеле и починале од карцином на бели дробови може да се припише на аерозагадувањето“, вели Димовска.

Ако средната вредност на честичките се спушти на 25 микрограми на кубен метар, колку што е и европскиот просек – би се зачувале 4 години од животот на лицата со рак на бели дробови. За истата вредност, пак, оние со кардиоваскуларни заболувања би „спасиле“ 28 години од својот живот.

„Пресметавме дека 50 до 60 проценти од болестите, односно од смртноста која се припишува на аерозагадувањето може да се намали ако се постигнат граничните вредности на Европската унија“, додава Димовска.

Здравјето нема цена, но сериозно удира врз економијата. Светска банка неодамна истакна дека годишните трошоци на земјава поради здравствените оштетувања во просек изнесуваат 750 милиони долари.