Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Промедика Медикал Центар

Пиоспермија или леукоцитоспермија е состојба кога има абнормално присуство на бели крвни клетки во спермата. Пиоспермија се дефинира како повеќе од 1 милион бели крвни клетки (леукоцити) на милилитар сперма. Се смета дека е клинички знак за инфекција/инфламација на долен генито-уринарен тракт.

Пиоспермијата е важна состојба за машката фертилност, плодност зашто белите крвни клетки ја слабеат спермата и може да го оштетат нејзиниот генетски материјал. Белите крвни клетки ослободуваат силни субстанци наречени реактивни кислородни специеси (РОС) кои ги уништуваат организмите кои предизвикуваат инфекции. РОС може да афектираат и здрави ткива, вклучуваќи ги сперматозоидите, ја уништуваат нивната мембрана со што се нарушува интегритетот, предизвикуваат деформитети, ја намалуваат нивната подвижност и ја оштетуваат нивната ДНА.

Пиоспермијата најчесто е предизвикана одː инфекција, инфламација, автоимуни болести, стриктура на уретра, генитални инфекции (херпес, гонореа, хламидија), ХИВ инфекција, Gardnerella, варикоцела, хроничен простатитис, системски болести, злоупотреба на алкохол, наркотици/марихуана, цигари, експозиција на токсини, абстиненција. Во многу случаи не се наоѓаат специфични патогени бактерии.

Инфекциите во генитоуринарниот систем се потенцијална причина за пиоспермија, најчесто Е.коли, Микоплазма, Уреаплазма, Хламидија.

Во третманот се препорачува покрај употребата на антибиотици, нестероидни антиинфламаторни лекови и прекин на пушење цигари, употреба на марихуана, многу алкохол, корекција на варикоцела.