Според најновите податоци на кинеските медицински власти, досега се заразени 291 лице од новата форма на коронавирусот, од кои дури 270 се од провинцијата Хубеи.

Во оваа провинција најголемиот број на заразени доаѓаат од градот Вухан. Остантите случаи се регистрирани во Пекинг, Шангај и во провинцијата Гуангдонг, на југот од земјата, пренесоа  британските медиуми, дообраснувајќи дека овие податоци се однесуваат заклучно со вчерашниот ден.

Од овој нов тип на коронавирус досега се починати шест лица.

Здравствената комисија во Вухан соопшти дека најмалку 15 медицински работници, исто така, се меѓу заразените со вирусот и дека едно лице се наоѓа во критична состојба, објави Би-Би-Си. Претпоставка е дека тие се заразиле со контакти со пациентите.

Сите заразени лица се наоѓаат во изолација, наведуваат кинеските медиуми.

Истовремено, Си-Ен-Ен јавува дека американскиот Национален институт за здравје веќе работи на вакцината против коронавирусот.

Директорот на Институтот за алергија и инфективни болести Ентони Фаучи изјави дека ќе бидат потребни неколку месеци за да се заврши со првата фаза од клиничките тестирања и повеќе од една година за да се дојде до вакцината.

Кинеската национална здравствена комисија потврди дека новиот коронавирус, што предизвикува пневмонија, се пренесува од лице на лица и дека на тој начин се заразени одредени припадници на медицинскиот персонал, пренесе агенцијата Ксинхуа.