ЈЗУ Здравствен дом Скопје Поликлиника Чаир, во моментов располага со две возила на ИМП во една смена. Истата единица опслужува голема територија, и тоа општина Чаир, општина Бутел, општина Чучер-Сандево како и делови од општина Шуто Оризари, што во суштина е огромен број на жители. Искуствата говорат дека вработените имаат огромен обем на работа, истите се постојано на терен, бидејки опслужуваат големо подрачје.

Ова дополнително се влошува по одлуката на здравствените власти да го затворат пунктот во амбулантата во Чучер-Сандево, на што се уште реагираат жителите на таа општина. Вакви подрачни пунктови, со по една екипа на ИМП, истовремено биле затворени на 4 локации главно на места кои не се ни близу постојаните пунтови, а ги опслужувале граѓаните на руралните средини околу Скопје. Не е ретка појавата на истовремена ургентна потреба од повеќе екипи на ИМП, а истите да се веќе на терен, па пациентите да чекаат или да завршат со предходниот повик или да чекаат по 30+ минути додека дојде возило на ИТМ од останатите пунктови во Скопје.

Во итни и животно загрижувачки состојби, секоја измината минута во чекање е дополнителен ризик, а денес за жал тоа е секојдневие за жителите на општина Бутел. Иако задоволни од персоналот жителите секојдневно имаат голема замерка за времето потребно за пристигнување на екипата од нивниот повик. Граѓаните биле сведоци на немил настан, сообраќајна несреќа, која се случила на територијата на населеното место Бутел 2, во која имало неколкумина повредени и за која  неопходни биле две возила на ИМП. Второто возило се чекало цели 30 минути. Поради ангажираност на сите екипи од пунктот Чаир се чекало возило од поликлиника Јане Сандански. Вистинска среќа било случајното присуство на двајца лекари минувачи кои успеале да укажат прва помош додека дојдат нивните колеги од екипите на ИМП. Состојбата не е подобра ниту во останатите општини, 7 екипи се премалку за опслужување на теритотијата на Град Скопје.

Дали здравствените власти се свесни за сериозноста од зголемена потреба на екипи и возила на ИМП? Дали се свесни дека со нерешавање и несериозниот пристап на овој проблем, директно или индиректно го загрозуваат здравјето на луѓето и го загрозуваат нивното право на здравствена заштита?

Дали потребата за службени возила на ЈЗУ ЗД Скопје се поголеми од потребата од обезбедување на повеќе возила и екипи на ИМП?

Потребата за повеќе возила и екипи на ИМП треба да се свати сериозно од страна на здравствените власти, бидејќи здравјето на граѓаните треба да биде во прв план, од достапноста и брзината на ИМП зависат многу човечки животи чие битисување се наоѓа во животна опасност и се потпираат токму на оваа здравствена услуга. Министерот Венко Филипче треба сериозно да се позанимава со оваа проблематика, бидејќи примерите како поликлиника Чаир со само две возила на ИМП се само дел од проблемите кои се посочуваат и треба да бидат не само решени туку и искоренети. До кога здравјето на граѓаните ќе биде ставено на чекање? До кога проблемот со возилата на ИПМ ќе биде ставен во фиока? До кога животите на луѓето ќе висат на конец и ќе зависат од тоа колку брзо и дали ќе стигне брзата помош? – се само дел од прашањата кои ги поставуваат граѓаните жители на скопските општини.