По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против 34-годишен скопјанец за кривично дело запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека обвинетиот се товари оти го сторил делото на 23.12.2019 година, околу 12 часот, кога неговата вонбрачна партнерка му го оставила нејзиното едногодишно дете за да го однесе кај претходно ангажирана дадилка.

-Обвинетиот очув, додека бил сам со детето во домот и додека го превезувал во возило, го малтретирал удирајќи го со тупаници во пределот на главата и лицето, при што му нанел телесни повреди изразени во вид на крвни подливи, се појаснува во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице, проценувајќи дека неговото присуство во текот на кривичната постапка и непреченото водење на постапката не би можеле да се обезбедат со друга мерка.

Инаку, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ на 25 декември во 12:50 часот во СВР Скопје било пријавено дека кај нив било донесено 16- месечно женско бебе од Скопје со повреди.

Во разговор со полициските службеници, мајката на бебето, 21-годишната А.М.С. од Скопје изјавила дека дека на 23.12.2019 околу 12:00 часот нејзиниот партнер, 34-годишниот С.И. од Скопје, со кого живеела вонбрачно, го ставил бебето во детско седиште и со своето возило го однел кај дадилката, 55-годишната Л.Д. од Скопје.

Според нејзината изјава, истиот ден дадилката ѝ пријавила дека кога го земала бебето од И.С. забележала дека има повреди.