Потегот на Владата на СДСМ за поништување на решенијата за разрешување на постојните и именување други вршители на должност директори во јавните установи-меѓуопштински центри за социјална работа, – укажува на хипокризијата на оваа Влада олицетворена во нејзината грчевита борба за остварување на партиски престиж во јавните институции, кои ги опслужуваат најранливите групи граѓани, реагира Комисија за труд и социјална политика на ВМРО – ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека тоа е  со причина повеќе што оваа Влада има различен аршин со кои мери сосема идентични ситуации, ако се земе за најпроста анализа она што се случуваше во не така далечната 2016 година, кога тогашната техничка министерка за труд и социјална политика од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, разреши 15 (петнаесет) директори на установи за социјална заштита (центри за социјална работа и установи за резиденцијално сместување).

„Тогаш како опозиција, но и партнер во Техничката влада, СДСМ ја користеше секоја прилика да ја оправда ,,издржаноста“ на решенијата на Ременски, кои се засноваа на произволна проценка за разрешување на директори со тековен мандат, а не на фактички заснована состојба која треба да произлегува од Законот за социјална заштита, што навистина се покажа неиздржано, зашто решенијата на тогашната техничка министерка беа поништени како неосновани од страна на Државната комисија надлежна за одлучување во втор степен.“ истакнуваат од Комисија за труд и социјална политика на ВМРО – ДПМНЕ и додаваат:

„Владата на СДСМ незаконски ги поништи решенијата донесени од техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, бидејќи тие решенија се однесуваат на разрешување в.д. директори и именување на други, за што единствена надлежност има министерот согласно одредбите во Законот за социјална заштита. Доколку пак се навлезе во поединечната основаност за разрешување, сигурно е дека ќе се наиде на оправдани причини, утврдени исто така со законските одредби од цитираниот Закон, на кои министерката се повикала, за да ги донесе решенијата. Не е непознато за јавноста, а најмалку за Министерката, дека постојните в.д. директори не исполнуваат барем некоја, ако не и повеќе причини заради кои може да бидат разрешени! Најпрво времетраењето на мандатот на в.д. директорот, најмногу до шест месеци согласно Законот за социјална заштита, во добар дел кај в.д. директорите на установите за социјална заштита законски е надминат, што значи дека Министерот има обврска да донесе одлука за нивно разрешување. За законската основаност на решенијата за разрешување, одговора Министерот, што значи дека во секој подделен случај е направена анализа на фактичката состојба и нејзиното соодветствување, односно несоодветствување на условите во законската рамка, во смисла на степен на образование, работно искуство и други услови утврдени со закон, што значи дека е постапено во рамките на законските надлежности.“