Имам впечаток, а тоа нашата општествена пракса прилично аргументирано го докажува, дека сме исклучително склони – идеите, проектите, концептите независно за кој општествен сегмент станува збор, да ги градиме спротивно од природниот редослед на нештата. Или еве да бидам по пластичен – да градиме куќа така што ќе почнеме од покривот а на крајот ќе се занимаваме со темелите. Притоа, дополнителна отежнувачка околност претставува така речи – правилото – на отсуството на инклузивност и на транспарентност во самиот процес на дефинирање, осмислување, носење на каков и да е предлог или проект – со што доаѓаме до мултиплицирање на проблематичноста на кое и да е  “системско решение и реформа“, што пак потоа се изразува во неверојатната динамика на постојани сезонски поправки, “доградби“, “надградби“, на “реформите“. Тоа симплифицирано значи – ужасно трошење и расфрлање на време, пари, ресурси, вклучително и оној најважниот  – човечкиот.

Здравствениот сектор, еден од носечките општествени системи, воопшто не е заобиколен од ваквиот пристап, дури напротив ми се чини дека тоа е една од оние општествени сфери во кои што таквта наопака “емпирија“ доаѓала и се уште, за жал, доаѓа најмногу до израз.

Најнов таков просто класичен егземплар на претходно нотираното е “проектот“ за централизирање на така да го наречам – системот на биохемиско-лабораториската дејност во рамки на здравствениот сектор.

И веднаш ќе бидам директен: централизацијата на биохемиските лаборатории не само од аспект на палетата здравствени услуги, туку и од аспект на суштинската потреба за воспоставување стандарди и процедури во овој домен од работењето, без дилема, барем за мене, е нужно, повеќе од неопходно. Зошто? Затоа што тоа ќе значи повеќенасочен бенефит не само за генерално унапредување на клиничката лабораторски дејност, туку и значително поквалитетни здравствени услуги за граѓаните. Во тоа нетреба воопшто да се има сомнеж.

Но она што остава простор за сомнеж, и реална загриженост за ефикасното и функционално реализирање на таквиот зафат, е идејата тој да се спроведе така што ќе се распише тендер којшто, пак, така како што е замислен ќе треба сам по себе да биде севкупно “концепциско и системско“ решение за централизацијата на биохемиските лаборатории!?!? Воопшто не сум убеден дека конституирањето на систем, воспоставувањето на правила, норми и стандарди може да се направи со тендер, особено во услови и околности како нашиве. Во крајна линија многу пологично е тендерот и неговата потреба да произлезе како резултат на претходно утврдени и расчистени прашања: колку, како, што сакаме да постигнеме. И, исто така, врз основа на претходно дефинирани и поставени регулативни рамки. А не спротивно.

Значи, она што сметам дека е императив во однос на темата за централизација на биохемиските лаборатории е прво: јасно, прецизно носење на квалитетни законски решенија. На нив пак треба да им претходни една здрава анализа, односно реални инпути каква е сега биохемиската лабораториска дејност кај нас.

Тоа претпочита, меѓу другото, активности од типот на: создавање регистар на биохемиски лаборатории; нивна распределеност по региони; кој вид на лабораториски услуги ги даваат (примарни, секундарни , терциерни –специфични); видови на анализи и стандардизирање на методите и принципите за нивно изведување; видови на апаратури и профил на персонал; број на лекари и специјалисти кој гравитираат околу лабораториите; нормирање на систем на контрола на државно ниво и друго.

Логиката е многу едноставна – како ќе рефомираме нешто за што имаме само некоја релативна претстава, половични или дури и непознати сознанија? Како можеме да знаеме што ни треба кога незнаме што ни недостасува? И во крајна линија како да обезбедиме нешто кога ниту сме говореле за потребите, ниту пак сме ги есапеле трендовите, или постоечките капацитети и ресурси!?

Во крајна линија негледам ништо поприродно и пополезно, откако ќе одговориме на сите непознаници, да се осмисли пилот проект кој што би ни дал дополнителни и клучни сознанија за тоа на кој начин и како треба да функционира таквата централизација. Убеден сум дека е подобро да се потроши време во анализа и договарање, отколку во поправање на штетите.

И конечно, што значи решението “тендер“ чии што фундамент е “концесионерството“!? Која е неговата оправданост? Врз основа на кои факти се темели? Каква корист носи “концесионирањето“ на цел еден систем, на цела една дејност како клиничката биохемија која што е незаобиколна и базична во дијагнозата, во терапевтското и натамошно мониторирање на состојбите на секој еден пациент?

Нели е подобро, наместо “концесионерството“ (кое е посебна тема што по се изгледа во наредниот период ќе го поттикне јавниот интерес), да ги искористиме потенцијалите што, се уште, ги имаме и не ја зајканеме и подигнеме на повисоко ниво, согласно светските стандарди, државната биохемиско-лабораториска дејност? Дотолку повеќе што таа и сега според квалитетот на услугите се уште држи едно завидно ниво. Додека не биде предоцна.

Пишува: Игор Кузмановски