Јануари е месец во кој секоја година во светот се одбележува зголемувањето на свеста за болестите на тироидната жлезда. На овој начин целокупната јавност, а особено оние кои имаат било каков проблем со тироидната жлезда можат да се информираат повеќе за превенцијата, третманите и можните начини на  лекување на болестите на тироидната жлезда вклучувајќи го и карциномот на истата. Исто така во текот на овој месец се презентираат и иновациите во истражувањата кои ги спроведуваат лекарите специјалисти за тироидна жлезда за да се овозможи напредок во третманите и раното откривање на болестите поврзани со неа.

Тироидната жлезда е ендокрина жлезда со најголема маса во форма на пеперутка и е лоцирана во долниот дел од предната страна на вратот, под гркланот од двете страни на душникот. Поради тоа што е лоцирана до штитната рскавица се нарекува и штитна жлезда. Функцијата на тироидната жлезда е формирање и лачење на тироидните хормони тироксин, тријодтиронин и калцитонин. Нивната улога е една од најважните, т.е. и помаагат на секоја клетка, во секое ткиво и орган, да функционира нормално.

Во светот околу 20 милиони Американци имаат некакво пореметување на функцијата на тироидната жлезда, а околу 12 проценти од популацијата во иднина се очекува да развие некакво тироидно пореметување. Во Македонија бројот на болни од тироидна жлезда постојано се зголемува. Ако во минатото се бележеле од 20 до 30 карцономи годишно, таа бројка сега е зголемена на 50 до 60. На секој четврт човек во земјава при преглед утврден му е некаков тироиден јазол, со тоа што жените имаат поголеми предиспозиите за можни заболувања отколку мажите.

Зголемување на свесноста и познавањата за тироидната жлезда и нејзината функција е од огромно значење за навремено откривање и лекување на болестите на оваа жлезда. Пациентите со тироидни заболувања имаат можности за успешно лекување и водење на нормален живот.