Во 15 часот утре пред Собранието коалицијата Зелен Фронт и Младинското движење за климатска правда „Петоци за Иднината Скопје” организира протестен собир со централен перформанс – симболично седнување на улицата, кое ќе ја претставува “чекалната” во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување на отпад.

„Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка која минатата есен ја нарековме Зелена револуција продолжува во 2020. Властите досега не исполнија ниту еден процент од списокот на барања на коалицијата Зелен фронт, а калкулирањето со законот за отпад, чиј рок за донесување беше крајот на минатата година, само потврдува дека животната средина е на дното на нивната листа на приоритети.

За граѓаните, и особено за младите, животната средина е највисокиот приоритет, особено во еколошката криза во која се наоѓаме, а која во огромна мера е последица на секојдневното неконтролирано внесување илјадници тони отпад како гориво за индустриските капацитети. Наместо политичките лидери веднаш да преземат мерки за спречување на оваа закана за здравјето на нивните избирачи, тие купуваат време со патетични изговори, зад кои многу веројатно се кријат интересите на олигархијата во државава.

Но вистинската моќ се наоѓа во колективот, а младите обединети зад скопскиот огранок на глобалното климатско движење ќе го поведат во отпор кон компромитираните политички елити и кон долгорочна промена на културната и политичка ориентација во однос на прашањето на животната средина. Во следниот период нашите активности во оваа насока ќе кулминираат преку герилски акции, демонстрации и различни форми на граѓанска непослушност“, велат од младинското движење за климатска правда.

Ќе побараат, како што велат, крај на фарсата која деновиве им се сервира на граѓаните во врска со законот за отпад. Властите со своите дејствувања, односно не-дејствувања само потврдуваат дека животната средина е на дното на нивната листа на приоритети, а здравјето на граѓаните е или трет план.