Министерката за труд и социјална политика Рахела Мизрахи вели дека дополнителната заменик министерка Санела Шкриjељ ја опструира работата на Министерството и со заплашување и притисоци се обидува да ги спречи вработените во своите задачи.

Од нив, министерката Мизрахи побара да не се плашат и да работат согласно законот во интерес на граѓаните. Во Министерството, според неа, има процеси кои не се поврзани со изборите и за кои не е потребен врзан потпис со дополнителната заменик министерка. За тоа, појасни Мизрахи, говори и одлуката на ДИК донесена на барање Министерството.

-Дополнителната заменик министерка Санела Шкриjељ изминатиот период со сеење страв заплашување и уцени пробува да го попречи извршувањето на работните задачи на вработените во МТСП. Тие се во постојан стрес и страв поради заплашувањата кои секојдневно ги добиваат од дополнителната заменичка. Поради тоа тие се плашат да соработуваат и да ги извршуваат своите редовни задачи. Непознавањето и непочитувањето на законот за Влада, дополнителната заменик министерка го потврдува преку мејл комуникација и преку незаконски и безпредметни дописи до вработените во Министерството, рече на денешната прес-конференција министерката Мизрахи.

Таа додаде дека Шкриjељ злоупотребувајќи ја својата позиција и како што рече, со доза на закана, врши притисок врз вработените да постапуваат спротивно на законот за што има и соодветни докази.

Мизрахи додаде дека поради горенаведените причини, а со цел да се обезбеди нормално и непречено функционирање на редовните работни процеси, согласно член 48 од Законот за влада на 27 овој месец до ДИК пратиле барање да донесат одлука за конктретни предмети и тоа: Решение за формирање комисија за вршење на непосреден увид во исполнетоста на условите за отпочнување со работа и вршење на дејноста во приватна установа за деца – детска градинка, Решение за распоредување и Решение за плати.

– ДИК донесе одлука со која утврди дека донесените решенија не претставуваат акти или документи кои се однесуваат на правни, финансиски и кадрови прашања поврзани со организацијата на изборите од чл. 46 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија. Овие решенија на ДИК само укажуваат дека ние не треба да имаме врзани потписи по сите основи, дека има тековни процеси кои нормално функционираат и со еден потпис, и оти сето друго е само правење пристисок во насока на дисфункција на Министерството, рече министерката Мизрахи.

Со ова, според неа, се потврдува дека дополнителната заменик министерка незаконски постапила и го спречувала нормалното функционирање на министерството за труд и социјална политика.