Околу двесте луѓе се собраа на протестот кој се одржа од страна на „Fridays for future Skopje“ со симболично седнување на улицата пред Собанието. Бидејќи законот за увоз на отпад и управување со отпад кој требаше да биде донесен по скратена постапка континуирано се одложува, еко-активистите го демонстрираа бесконечното чекање на граѓаните за здрава животна средина.

Организаторите на протестот „Fridays for future Skopje“ побараа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и од него бараа објаснување зошто законот кој требаше да се донесен до крајот на минатата година никако да дојде на ред на  седница. Според граѓаните ова е ургентен проблем и надлежните треба итно да го решат.

Не само што е потребна забрана за увоз, потребно е да се изгради цел систем од инспекција, контрола, одржливо управување со отпад, негово намалено создавање, рециклирање, преработка, компостирање, затворање на дивите депонии, нивна санација и ремедијација, и воспоставување на владеење на правото, судски систем ослободен од мрежата на корупција. Дури откако ќе го средиме нашиот отпад и ја намалиме неговата количина, имаме редовен мониторинг на загадувачите кај субјектите, дури тогаш може да дебатираме за увоз на отпад, негово согорување. -посочија од О2 иницијативата на својата фејсбук страна.

Очекувањата на еко активистите сепак не се исполнија. Тие најавија голем протест за наредниот петок со повторно излегување на улиците и искажување на револтот од несериозниот пристап кон овој сериозен проблем.