Бројот на заразени со новиот коронавирус во Кина се зголеми на повеќе од 12.000, а досега починале 259 зарзаени, соопштија кинеските здравствени власти.

Здравствените служби во провинцијата Хубеи, епицентарот на кризата со коронавирус, соопштија дека само во таа провинција се забележани 1347 нови инфекции, со што вкупниот број заразени во Хубеи достигна 7153.

Бројот на инфицирани и починати од коронавирусот во Кина се очекува да биде уште поголем кога другите региони ќе ја објават својата последна статистика.

Зарази со вирусот се потврдени во 20 земји во светот. Први случаи вчера беа потврдени во Италија, Велика Британија, Шпанија, Русија и Шведска.

Неколку земји веќе ги евакуираа своите државјани од Кина, вклучувајќи ги САД, Јапонија, Јужна Кореја, Јордан и Велика Британија.

Авион на германското воено воздухопловство во саботата наутро го напушти Вухан со 130 лица, 90 германски државјани и 40 државјани од други земји. Тој треба да пристигне во Германија в сабота попладне.

Евакуираните ќе бидат ставени во карантин во касарни во близина на аеродромот во Франкфурт.

Авион на Ер Индија со 324 патници одлета од Вухан. Во авионот повеќето се студенти.

Австралија го забрани влезот на нејзината територија на сите патници кои пристигнуваат од Кина. Исклучок ќе бидат австралиските граѓани и нивните семејства кои „користеле соодветна заштитна опрема“, рече премиерот Скот Морисон.

Повеќето луѓе во Кина ќе се вратат на работа во понеделник, и покрај фактот дека вирусот брзо се шири и досега однесе 259 животи.