Министерството за здравство на Шпанија го потврди првиот случај на коронавирус во земјата и тоа во оддалечениот канарски остров Хомера. Во соопштението се вели дека вирусот е дијагностициран кај едно од петте лица кои биле во изолација откако било откриено дека некои од нив биле во контакт со германски пациент заболен од коронавирусот.

Националниот центар за микробиологија за кратко време дал потврда откако авионот со група од 27 државјани на ЕУ, евакуирани од Вухан, слетал во Мадрид. Ниту еден Шпанец, од оние кои летале со авионот немале симптоми на вирус, но ќе бидат во карантин во воената болница во Мадрид 14 дена, исто така се вели во соопштението.

Четири дански државјани и еден Норвежанец, кои пристигнале со истиот авион од Кина, со авиони одлетале кон своите земји.

Во исто време, во Германија е потврден седмиот случај на коронавирус кај работник на компанија во провинцијата Баварија, во која работат уште пет други лица кои претходно биле позитивни на тестот.

Вирусот претходно бил потврден кај дете на вработен во истата компанија, што е шестиот забележан случај во Германија.

Коронавирусот со сигурност се шири низ Европа. По социјалните медиуми граѓаните искажуваат загриженост дали Македонија е спремна за можна епидемија и дали здравствените власти се спремни да постапат соодветно во ваков случај. Коронавирусот само за потсетување има исти или слични симптоми како и грипот, предизвикува респираторни инфекции, а кај оние со послаб имунитет и повозрасните може да биде и фатален.