Во септември месец минатата година беше објавен конкурс за државни субвенции за поставување на филтри на оџаците на оние компании кои загадуваат. Условите кои беа поставени за да можат компаниите да ги добијат субвенциите, ниту една од фирмите не ги исполни. Од фирмите се бараше да достават елаборат со кој ќе докажат дека се загадувачи, а тие таков документ немале, ниту можеле да достават.

Предлогот беше даден од здружението Еко Герила, владата прифати, а Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, при посетата на една тетовска фирма за мебел повика сите заинтересирани да аплицираат за субвенциите. Се работеше за претпријатија кои се занимаваат со производство на мебел, а кои го загадуваат воздухот со согорување на отпадниот материјал преполн со хемикалии, со цел загревање на просториите.

Од здружението Еко Герила велат дека од фирмите барале елаборат дека се загадувачи, односно дека се греат на материјал кој го загадува воздухот. Но кај нас претежно елаборатите се копираат, една фирма го копира од друга, или пак се копираат елаборатите од соседните држави. Тоа се елаборати за проектите, ако изградите нешто треба да има студија за заштита на животната средина. Највероватно во тие елаборати од фирмите што аплицирале требало да пишува на што ќе се греат во зимскиот период и дали тоа ќе има негативно влијание врз животната средина и тоа не е направено кога фирмите извадиле елаборати, заради тоа тие не можат да докажат дека се загадувачи, вели Аријанит Џафери од здружението Еко Герила.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека условите за да можат фирмите да добијат субвенции не биле сложени, туку едноставно оваа мерка кај  нив не наишла на одзив. Тој посочи дека истата ќе продолжи во 2020 година, но ќе биде наменета за фирми од повеќе гранки. Тој додаде дека тие фирми и така никој не ги казнува, па затоа не покажале интерес да земат субвенции за поставување на филтри на оџаците.

Од Еко Герила се надеваат дека критериумите ќе се променат за апликантите кои ќе аплицираат оваа година. Се додека немаме природен гас за затоплување мора да има вакви мерки, со оглед на фактот дека тие го загадуваат воздухот, а никој не ги казнува. Тие ги пријавуваат загадувачите, фирмите признаваат дека загадуваат, но не можат да направат ништо околу тоа. На крајот загадувачите си го загадуваат воздухот, општинските власти се оправдани бидејќи спровеле мерка за субвенционирање, а граѓаните во случајов тетовци и понатаму се трујат.

Првиот човек на Тетово, Теута Арифи, пак вели дека фирмите кои го загадуваат воздухот се казнуваат со казни и до 2500 евра. А од Еко Герила велат дека дека таа зборува за казни изречени пред четири години мислејќи на истите фирми. Во меѓувреме аерозагадувањето во Тетово руши рекорди. Вредностите се 3 до 7 пати повисоки од максималните, а властите ниту преземаат мерки за загадувачите, ниту за сообраќајниот хаос, ни за градската хигиена. До кога здравјето на граѓаните и грижата за животната средина ќе бидат некаде долу на списокот на приоритети, се само дел од прашањата по социјалните мрежи.