Во извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека глобалното загадување на воздухот има огромно деструктивно влијание врз здравјето на луѓето, a особено врз детското здравје. Имено, нивните податоци укажуваат дека 93% од децата во светот на возраст под 15 години дишат токсичен воздух. Во неколку македонски градови, во зимскиот период, мерните станици честопати регистрираат високо ниво на аерозагаденост, која е опасна по здравјето на луѓето, а најмногу врз здравје на децата како најранлива категорија.

За ризиците од аерозагадувањето врз бременоста во феталниот период, таа вели дека фетусот додека е во фаза на развој е особено чувствителен на загадувачите присутни во опкружувањето на секоја бремена жена. Собраните докази од релевантни студии, покажуваат дека одредени загадувачи во воздухот, можат да имаат негативен исход врз текот на бременоста бидејќи делуваат врз здравјето на бремените жени.

Истражувањата покажуваат дека новородените и малите деца до 7 години се посебно чувствителни на загадувањето на воздухот затоа што нивните бели дробови сè уште се во процес на развој и токму загадувањето може да влијае директно на овој процес.

„Kолку детето e помало, толку ризикот од аерозагадувањето врз неговото здравје е поголем. Детскиот млад и незрел организам, е помалку способен да ги метаболира, детоксицира и излачува токсините (загадувачите) од воздухот. Сето тоа допринесува тие подолго време да се присутни кај нив и да го манифестираат својот негативен ефект врз детското здравје.

Децата вдишуваат повеќе воздух по единица телесна тежина отколку возрасните, а со тоа внесуваат и повеќе штетни материи во својот организам. Дополнително, поради поголемата физичка активност, децата дишат поинтензивно од загадениот воздух за разлика од возрасните, со што е зголемен и ризикот по нивното здравје.

Аерозагадувањето е особено штетно за нивниот респираторен систем и претставува зголемен ризик од појава на астма, а со прогресирање и хроницитет на состојбата, може да дојде до појава на ХОББ (хронична обструктивна белодробна болест) со сите свои компликации. Додека кај децата со алергиски ринит, симптомите може да бидат испровоцирани или интензивирани од вдишување на загаден воздух. Ист ефект, аерозагадувањето може да има и кај деца кои имаат проблем со ларингит, кај кои заболувањето може да премине во хроничен облик.

Главната порака до возрасните е НЕ ПУШЕТЕ во присуство на децата или во просториите каде престојуваат деца бидејќи на тој начин го загрозувате нивното здравје. Користете почисти горива и технологии за готвење, загревање и осветлување во вашиот дом. Користете печки и шпорети со исклучително ниска емисија на обработени цврсти горива и секогаш гответе во добро проветрен дел од станот или надвор со цел да се постигне подобра вентилација на просторот. Во просториите за живеење или во установите каде престојуваат деца користите прочистувачи на воздухот.