Ден по скандалот за несоодветно третираниот медицински отпад кој бил носен на Дрисла, скопската депонија ги отвори вратите за јавноста. Медиумите влегоа кај печката каде се согорува опасниот отпад од болниците, но затекнаа неочекувана слика. Расфрлени епрувети со крв буквално под нозете на новинарите. За надлежните немало ништо невообичаено, оти печката била оградена, а тука влегувале само овластени лица.

Надлежните креваат раменици, никој не знае кој е виновен за лошото складирање и транспорт на опасен медицински отпад кој ја згрози јавноста. Првиот екологист Нуредини и покрај сериозноста на проблемот, не стигнал да ги разгледа документите од вонредниот инспекциски надзор.

„Само што го добивме извештајот. Се уште не сум ги видел деталите“, рече министерот за животна средина, Насер Нуредини.
Неговиот заменик Макрадули, утрово најави санкции за фирмите кој непрописно транспортирале отпад. Нуредини, ниту пет часа подоцна не знаеше што кажал Макрадули.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, повторно се правда, вели не криел за скандалот за кој неговите инспектори знаеле уште пред два месеци. Прстот го впери кон обвинителството, од каде вели немало реакција. „Град Скопје не чекал. Ние веднаш пријавивме во надлежното обвинителство. Дали и зошто не била покрената постапка, таму прашајте“, вели Шилегов.

Првиот човек на надлежниот Државен инспекторат, наместо да посочи чија била грешката, ги искара градските власти. Праша кој му дозволил на Шилегов да прави надзор над работата на компанијата што работи со дозвола од Министерството?

„Прашајте ги како влегле таму. Тие немаат ингеренции да вршат надзор над таа фирма“, вели Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина.

И додека надлежните си ја префрлаат вината, јавноста е во паника. Останува неизвесно дали некој ќе сноси последици за опасниот медицински отпад кој несоодветно бил транспортиран низ скопските улици до крајната дестинација – скопската депонија Дрисла?