ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Скопје е една од поважните ако не и најважната здравствена институција во главниот град Скопје.

Под оваа здравствена институција во моментот потпаѓаат 48 објекти во главниот град Скопје, а со тоа и 1400-тини вработени во нив. Неофицијално од извори внатре во институцијата во текот на денешниот ден дознавме дека се случува крајно неодговорно и расипничко однесување од страна на министерот за здравство, Венко Филипче, како и од ново-назначениот директор на ЗД – Скопје, Виктор Исијановски.

До нашата редакција пристигна информација дека 1400-те вработени под ЗД – Скопје вклучувајќи ги и Итната Медицинска Помош како и службата „Ало Докторе“ во текот на денешниот ден немаат примено плата за месец Јануари 2020-та година и покрај тоа што министерството за здравство на ниво на Република Македонија ја пушти Јануарската плата во сите државни здравствени институции. Да биде ситуацијата уште пострашна и подраматична не се знае дали и во наредните неколку дена докторите и здравствените работници како и техничкиот персонал под Здравствен Дом – Скопје ќе земат плата за изминатиот месец.

Целиот застој и доведувањето на вработените под ЗД – Скопје во ваква ситуација се должи на незнаењето и неспособноста за менаџирање на првиот човек на оваа институција, Виктор Исијановски кој во моментот не можа да потпише плата на вработените поради фактот дека сметката на оваа здравствена институција е блокирана од страна на друга компанија кон која оваа здравствена институција има неплатен долг.

Соодветно на тоа се поставува прашањето за способност, квалитет и капацитет на менаџирањето на здравството во целина, а упатено кон првиот човек во МЗ, Венко Филипче. Зошто министерот не реагирал навреме и доколку бил ангажиран, информиран и запознаен со ситуацијата во ЗД – Скопје, како и со работата на сите други здравствени институции во државата, зошто не се платил навреме долгот и 1400-те вработени во оваа институција да добијат плата во текот на денешниот ден заедно со сите нивни колеги ширум република Македонија?

Дали намерно се опструира ЗД – Скопје?

Дали и до кога ќе се остават вработените во ЗД – Скопје без Јануарска плата?

Едно е сигурно, вработените во овие институции си го одработиле месецот, но сега кога треба да однесат дел од својата заработка дома, сега кога треба да ги платат сметките нема да може да ги завршат своите обврски кон државата навреме и со самото тоа ќе се доведат во ситуација да бидат опоменати, казнети, санкционирани или во најлош случај дадени на извршител.

За сето ова виновни се првиот човек на МЗ, Венко Филипче и првиот човек на ЗД – Скопје, Виктор Исијановски, бидејќи да си ги завршеле навреме обврските спрема другите компании кои им добавиле дали делови за возилата, медицински матријал, медицински униформи или што и да е тоа што било потребно и го набавиле во изминатиот период, ЗД – Скопје како институција не би ги довеле во оваа ситуација и индиректно не би им нанеле штета на 1400-те вработени во оваа здравствена установа.

Поради непромисленоста на главните и одговорните во здравството, вработените како во текот на денешниот така и во текот на деновите што следат најверојатно ќе треба да им објаснат на своите дечиња, сопрузи, сопруги зошто месецов ќе доцнат со обврските. Но, дали доколку доспеат одредени долгови за наплата во некоја од институциите или им се препишат одредени затезни камати поради ненавремено подмирување на долговите дали во таа ситуација вработените во ЗД – Скопје ќе може да ги упатат своите долгови и затезни камати до директорот Виктор, односно министерот Филипче, за да им бидат простени, платени или избришани?

Како оваа власт и нејзините челници во министерството за здравство и Здравствен Дом – Скопје, ќе им ја објаснат оваа ситуација на оние вработени кои се само со една плата во домаќинството и кои што зависат од навреме исплатените плати за да можат да го „преживеат“ тековниот месец? – поставуваат прашања вработените без примања за јануари од оваа институција