Заболувањето е многу заразно односно ако сте во просторија со инфицирано лице речиси и да не постојат шанси да не се разболите.

Оваа зима, покрај сезонскиот грип, честа причина на подолго отсуство на децата од училиштата и градинки е и сипаницата – варичела. Епидемиолозите велат дека бројот на заболени е нешто поголем во однос на 2018 и 2017 година и сега изнесува скоро 3.000 само во Скопје. Лекарите објаснуваат дека оваа сипаница кај децата не прави компликации освен досадно чешање од кое може да останат белези на кожата, но кај возрасните може да предизвика и тешки и животно загрозувачки компликации како воспаление на мозочното ткиво и мозочните обвивки. Додека да се воведе вакцина против ова заразно заболување, најдобро е децата да ја прележат сипаницата додека се мали и така да стекнат доживотен имунитет.

Епидемиолошките податоци покажуваат дека во нашиот регион, 99,9 отсто од децата на возраст од 10 до15 години заболуваат од варичела. На таа возраст болеста поминува лесно.

-Кај децата многу ретко дава компликации. Но во подоцнежна возраст заболувањето е со поизразена клиничка слика, интензивен осип, висока температура, може да се јават и секундарни инфекции на кожата, воспаление на белите дробови и поретко воспаление на мозочното ткиво и мозочните обвивки – објаснува примариус д-р Билјана Даниловска, раководител на одделение за епидемиологија при Центарот за јавно здравје.

На Клиниката за инфективни болести има четворица возрасни пациенти со варичела од кои тројца имаа бронхопневмонија и една пациентка со секундарна инфекција на кожата пиодермија. Од клиниката велат дека сите пациенти се во стабилна здравствена состојба.

Варичелата е предизвикана од вирусот варичела зостер. Инкубација на заболувањето трае од 12 до 15 дена. Инфицираниот станува заразен два до три дена пред да ги добие симптомите. Прво се појавуваат општи симптоми, како болки во грло, главоболка, покачена температура, малаксаност, се воспалуваат непцата во устата и потоа почнува осипот во форма на меурчиња полни со течност. Специфично е што осипот е во различни фази, едни меурчиња пукаат и се сушат како красти, а други излегуваат. Осипот трае околу 15 дена. Вкупниот период на заразност е од 10 до 15 дена.

-Заболувањето е многу заразно, ако сте во контакт со заболено лице многу се мали шансите да не се разболите ако претходно не сте ја прележале оваа сипаница. Болеста се пренесува воздушно-капково, при кашлање, кивање, зборување, но и при директен контакт со кожата кога е осипана – објаснува д-р Даниловска.

Во однос на трудниците се смета дека нема некое поопасно влијание врз плодот, како во случајот со морбилите, но сепак треба да се избегнува инфекција доколку тоа е возможно. Кога некој возрасен или дете ќе се инфицира со варичела, потребно е да направи консултација со лекар, за да се добие соодветна препорака за лекување.

Вирусот варичела зостер, покрај сипаницата, може да предизвика и херпес зостер.

-Интересно е што пациент со херпес зостер ако дојде во контакт со лице што не презежало варичела може да предизвика сипаница. Обратно не е можно. По прележување на сипаницата вирусот останува во организмот и во латентана состојба мирува и се создава доживотен и траен имунитет. Сипаницата нема никогаш да се повтори, но во некој момент од животот кога ќе се намали имунитетот може да се појави херпес зостер. Тој предизвикува и воспалени на нервите проследено со интензивни болки – вели нашата соговорничка.

Во светот постои вакцина против варичела и таа се дава во комбинација со вакцината против морбили, рубеола и паротит.

-Комисијата за имунизација е на мислење дека во наредните години треба да се воведе и оваа вакцина во редовниот календар за имунизација како ми се избегнале компликации на подоцнежна возраст – појаснува д-р Даниловска.