Бројот на новозаразени лица со корона-вирусот во Кина бележи пад, додека бројот на починати се големи на 1.113 , соопшти здравствената комисија на земјата. Во последните 24 часа, во земјата се потврдени нови 2.015 заразени лица, што претставува пад втор ден по ред. Вкупниот број на случаи во континентална Кина достигна 44.653 лица, иако многу експерти тврдат дека голем број заразени не се евидентирани.

Во меѓувреме, во Женева продолжува Форумот на Светската здравствена организација (СЗО) на кој 400 научници се обидуваат да забрзаат развој на тестови, лекување и вакцини во борбата против вирусот, чие официјално име е „Ковид-19“.

Целта на форумот е да се идентификуваат празнините во знаењето и приоритетите во истражувањата, со цел да се добијат научни информации и медицински производи кои се најпотребни за минимизирање на влијанието на вирусот.

Учесниците се обидуваат да го идентификуваат вистинскиот извор на инфекцијата, да разменат биолошки примероци и делови од геномот на вирусот. Тие ќе се обидат да утврдат кои пристапи се доволно ветувачки за да се мине на нареден чекор, односно тестирање на луѓе за да види дали тие пристапи навистина функционираат.

На дневен ред се наоѓа и прашањето дали е можно да се создаде постојана залиха на лекови, слична на залихата на вакцини што постоела за болести како жолта треска и ебола.

„Ако некој од лековите даде резултати, ќе има масовна побарувачка“, изјави на почетокот на неделата, Греам Кук, експерт за заразни болести на лондонскиот Империјал Колеџ.

Засега нема докажани начини на лекување или вакцини за новиот вирус.