Стресот може да игра клучна улога во брзината со која косата побелува, според најнова студија објавена во журналот Nature.

На научниците веќе долго време им е позната поврзаноста помеѓу стресот и белата коса, но новото истражување од универзитетот Харвард во Масачусетс подлабоко ги истражува механизмите вклучени во тој процес.
Во иницијалните тестови се истражувал кортизолот, односно „хормон на стресот“ кој во телото се лачи како реакција на стресни ситуации, т.н „fight or flight response” (инстинктивен физиолошки одговор на заканувачка ситуација, со кој телото се подготвува или присилно да се спротивстави на неа, или да ја избегне)

Иако се работи за важна телесна функција, долготрајното присуство на зголемено ниво на кортизол е поврзано со бројни негативни здравствени симптоми.

„Виновникот“ за белата коса бил пронајден во различен дел од телото каде се случува таа „fight or flight” реакција – симпатичниот нервен систем, односно нервите насекаде низ телото, вклучувајќи ги и оние кои одат во секој фоликул на косата.

Хемикалиите кои се ослободуваат за време на стресните ракции – особено норепинефринот – предизвикуваат матичните клетки кои создаваат пигмент да се активираат предвремено, трошејќи ги „резервите“ боја на влакната на косата.

Во тестовите, за само неколку дена, сите матични клетки за регенерирање на пигменти биле изгубени, а штом тоа се случи, штетата е трајна.

Но, стресот не е единствената, дури ни примарната причина зошто на повеќето луѓе им побелува косата. Во најголемиот број на случаи, се работи за генетика и ништо не може да се превземе медицински за тоа да се спречи. Фактор за предвремено побелување на косата е и пушењето, недостатокот на протеин, витамин Б-12, бакар или железо.

Истражувачите од Харвард сметаат дека со прецизно разбирање како стресот влијае на матичните клетки кои го регенерираат пигментот, би можело да се разбере и како стресот влијае на останатите ткива и органи во телото, што е критичен прв чекор кон креирање на третмани со кои би се спречиле ефектите врз здравјето предизвикани од стресот.