Се проценува дека околу 8% од возрасните и околу 33% од децата крцкат со забите додека спијат, иако лекарите веруваат дека оваа бројка е многу поголема само што луѓето не се свесни за тоа што им се случува во текот на спиењето.

Ако некогаш сте слушнале како некој крцка со забите во тек на ноќта, знаете колку застрашувачки тоа може да звучи. Тој звук се чини како да е од хорор филм, а настанува кога луѓето во сонот несвесно ја стругаат горната со долната вилица. Иако стругањето на забите или бруксизмот се јавува најчесто во сон, може да се случи и во будна состојба. Се проценува дека 8% од возрасните и 33% од децата крцкат со забите, иако лекарите веруваат дека оваа бројка е многу поголема само што луѓето не се свесни за тоа што им се случува во сонот.

Стрeсот како причина

Стресот и вознемиреноста се главни причини за појава на Бруксизмот, вели д-р Мајкл Лернер, оториноларинголог од Универзитетот „Јеил“. Според него, кога сме под стрес, нашето тело интензивно лачи адреналин и кортизол, кои ја забрзуваат работата на срцето, го повишуваат крвниот притисок и го зголемуваат нивото на енергија. Ваквите промени може да доведат до прекумерна напнатост во мускулите на вилицата, што кај некои луѓе може да предизвика крцкање на забите.

За други, може да биде само една од последиците поврзани со анксиозност, како што се грицкањето нокти, тресењето на нозете или играњето со прамен од косата. Истражувањата покажале дека луѓето кои поминуваат низ стресен период од животот, како што е смрт на блиска личност, развод или преселба, се изложени на поголем ризик за појава на бруксизам, како и луѓето кои се невротични.

Некои експерти тврдат дека бруксизмот е многу почест во големите градови отколку во малите средини, затоа што нивото на стрес е многу повисоко. Луѓето кои живеат или работат во стресно опкружување се посклони на крцкање со забите, бидејќи на тој начин се обидуваат да го намалат стресот.

Лековите, исто така, може да бидат причина

Некои лекови, вклучувајќи ги и селективни инхибитори кои содржат серотонин (SSRI), можат да предизвикаат бруксизам. Не е утврдено точно зошто некои лекови имаат таков ефект, но некои експерти веруваат дека причината може да бидат SSRI – лековите кои влијаат на нивото на допамин во мозокот и ја контролираат мускулната и моторната активност.

Некои антихистамини исто така се поврзани со бруксизам заради дезинхибиторниот ефект што го имаат на делот од мозокот кој го контролира спиењето и циркадијалниот ритам.

Предизвикувачи може да бидат и алкохолот, кофеинот и цигарите

Научниците откриле дека бруксизмот е двојно почест кај луѓето кои пијат алкохол, иако причините сè уште не се познати. Се верува дека ова се должи на фактот дека алкохолот го нарушува квалитетот и ритамот на сонот. Бруксизмот не се јавува кога сонуваме, а алкохолот не дозволува да влеземе во РЕМ фазата на спиење, онаа во која сонуваме. Со други зборови, луѓето склони кон алкохол, не сонуваат, и затоа имаат поголем ризик за појава на крцкање за време на спиењето, со оглед на тоа дека крцкањето на забите се појавува главно во првата и втората фаза на спиење, кога спиењето не е цврсто.

Бруксизмот, исто така, често се појавува и кај пушачите. Едно истражување покажало дека оваа појава е двојно почеста кај пушачите во споредба со непушачите. Се смета дека никотинот го нарушува нормалното ниво на допамин, хормон што ја контролира мускулната активност.

Земајќи во предвид дека кофеинот е стимуланс, како и чоколадото, содата и енергетските пијалоци кои ја стимулираат активноста на мускулите, се претпоставува дека тие можат да доведат до појава на бруксизам. И, исто како и во случајот со алкохол, голема количина на кофеин го нарушува квалитетот на сонот.

Може да се работи за проблем со вилицата или поради генетика

Честото крцкање на забите може да биде реакција на проблем на вилицата, како што е неправилен загриз, недостаток на заби или пак неправилна положба на забите. Покрај тоа, околу 50% од луѓето кои страдаат од бруксизам имаат некој од семејството, кој исто така крцка со забите. Иако се претпоставува дека постои генетски фактор за ваква појава, научниците сè уште не успеале да откријат специфичен ген поврзан со бруксизмот.

Што можете да направите?

Доколку често се будите со болка во вилицата или главоболка, тоа е јасен знак дека имате проблем со бруксизам. Во овој случај, вашиот стоматолог треба да ги прегледа забите за да провери дали се оштетени од стругањето. Постојат неколку методи со кои можете да се обидете да го решите проблемот со крцкање на забите. Едниот е забни навлаки, кој стоматологот може да ги направи по мерка на вашите заби со кои ќе се спречи понатамошно оштетување на забите и ќе помогне во опуштање на мускулите на вилицата. Ако тоа не помогне, можете да пробате со инјектирање ботокс во пределот на вилицата. Неговиот ефект трае само неколку месеци, но за ова време можете да бидете сигурни дека нема да крцкате со забите во текот на ноќта, но и нема да се будите со главоболка. Ако се работи за генетика, намалете го внесувањето на кофеин и алкохол, или престанете да пушите доколку сте пушач. Не можете да ги промените гените, но може да влијаете врз начинот на кој живеете.