Здравствените власти нема да прогласат епидемија на грип, иако училиштата и градинките се полупразни, а ординациите полни. Комисијата за заразни болести само донела одлука да се ограничат посетите во сите јавни здравствени установи. Министерот за здравство, Венко Филиче, потврди дека, засега, не се прогласува епидемија.

– Грипот е сезонска епидемија сам по себе. Евентуално Светската здравствена организација (СЗО) може да прогласи пандемија, но далеку е од тоа. Има договор да се ограничат посетите во сите јавни здравствени установи на ниво на држава, преку Комисијата за заразни болести – информира Филипче.

Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на шестата недела од 2020 година, пријавени се 3.614 случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 27,9 отсто во споредба со минатата недела. Бројот на пријавени лица споредено со шестата недела од минатата сезона, е зголемен за 60,9 отсто.

– Оваа недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 108 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 69 (63,9 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 35 е детектиран тип А, а 34 се инфлуенца тип Б. Во Дебар, Струмица, Кавадарци, Штип и Свети Николе е регистрирана многу висока активност на вирусот на грип – информираат во Институтот.