Прилепската градска болница „Борка Талески“ побара од изведувачот на работите да направи ревизија на обновените тавани во болницата откако по невремето во неделата падна  дел од таванот во просторија на хируршкото одделение.

Директорот на болницата Драган Богоески изјави дека е направена анализа и констатирано е дека дел од таванот паднал поради човечка грешка.

– Заедно со изведувачот и со надзорот на изведувачките работи се утврдија причините за оваа хаварија на спуштениот плафон во просторијата во неделата на 6 мај околу 13 часот. Се утврди дека попуштањето на носачот што ги држел таванските плочи е поради тоа што држачите на носачот не биле недоволно квалитетно поставени на држачите на носачот. Станува збор за човечка грешка. За среќа во несреќа, во просторијата немаше ниту пациенти, ниту други лица и нема повредени. Изведувачот ќе ја санира штетата, но ќе се изврши и проверка во сите простории во болницата на кои работел подизведувачот за да се избегнат нови вакви ситуации, изјави Богоески.

Тој додаде дека нема да се бара отштета затоа што нема повредени, а рокот за проверка на сработеното е две години.