Дел од лековите во аптеките се поскапени. Граѓаните се жалат дека цените се „изгор“ за одредени лекови кои порано ги плаќале по пониска цена. Така на пример лицата со астма или хронични болести на белите дробови спрејовите што ги купуваа за 240 денари сега ги плаќаат за цена од дури 612 денари, што велат значително удира врз нивниот џеб.

„Знам по мене покачена е Спиривата за 120% – од 240 на 615 денари е покачена. Сега овој месец земав и ме изненади, кога требаше наместо 240 да платам 615 денари, тоа никаде го нема, вакво покачување“

„Покачување има поготово на тие што се купуваат за пари, што повеќе се трошат“

„Оиве лекови сега ги платив 1680 денари, а пред тоа не знам колку биле, но со нашиве пензии тоа е многу, пред тоа помалку беа. Исто така оние што се за маснотии беа 160 сега се 260 денари, значи за сто денари се покачени“

Од министерството за здравство пак тврдат дека од нивна страна не е зголемена ниту една цена на лековите. За референтните цени на лековите пак пак велат дека надлежноста е кај Фондот за здравство.

„Од страна на Министерството за здравство не е зголемена ниту една цена на лековите (вклучително и спрејови), што се употребуваат во терапија кај пациентите болни од астма, односно пациентите со остеопороза и пациентите со дијабетес. Во делот на референтните цени на лековите, што се на товар на Фондот за здравствено осигурување надлежноста е на Фондот.“ – Министерство за здравство

Фондот за здравство пак вели дека цените на лековите ги определуваат фармацевтските компании, а формираните цени ги одобрува Министерството за здравство.

Фондот ги зема предвид цените на лековите во референтните земји (Словенија, Србија, Хрватска и Бугарија) и формираните цени на лекови одобрени од Министерството за здравство во нашата земја, односно цените на лекови кои ги дефинираат производителите на лековите. Потенцираме дека секој матичен лекар, како и фармацевт, има обврска да го информира осигуреното лице за можноста да добие лек на рецепт кој е без доплата, или со мала доплата а е од истата генерика. Истовремено, право е на осигуреното лице да сака и да избере лек со повисока цена/доплата.“ – Фонд за Здравствeно осигурување

И додека цените на лековите поскапуваат, позитивната листа на лекови и натаму не е променета. И покрај тоа што законските измени поминаа кон крајот на минатата година, според последната изјава на здравствените власти, се уште се чека да се формира комисија за да се најдат нови лекови на позитивната листа.